8.1.13

Чедомир Јаневски, Quo vadis?

Со последниот список и избор на Чедомир Јаневски веќе се прашувам дали селекторот покрај тоа што беше одличен фудбалер, а се покажа и како солиден македонски тренер интернационалец, е и визионер?
Како што фудбалер кој не е „фантазист” тешко дека ќе може да е поливалентен, „исклучително непредвидлив„ (во позитивна квалитативна конотација) и оној „кој ќе прави разлика” на терен, така и тренер-селектор-менаџер ако не е визионер, тешко дека ќе може да се очекуваат „големи дела”.
А ние веќе одамна сме во ситуација, како нација, да чекаме големи дела. Нема веќе за македонскиот фудбал, резултати „кои ветуваат”.
Е сега, само размислувам и веќе сум скоро сигурен дека ако не се случеа „глупостите” пред натпреварот со Србија, којзнае дали ќе се случеше тоа што го видовме сите... да се наметнат некои кои претходно најчесто беа „во втор план”?
Дали ако Пандев беше присутен на терен, а Ристиќ и Попов „не одиграа” надвор од теренот  така како што одиграа, Чедомир ќе ги добиеше епитетите дека „направил одлична проценка и уште подобра замена на претходно споменатите”?
Тука е клучната поента, која мене ми отвара друга сфера на размислување!
Колку е Чедомир визионер и колку знае да направи вистинска проценка на квалитет кој е неопходен, квалитет кој е во прогресивна фаза и му треба само-откривање, квалитет кој се подготвува да блесне ,а тој да му направи пат, квалитет на кој треба, со еден збор речено,  да му се даде моментот, а не „да му се продаде желката” , како што тоа во жаргон знаат да кажат врвните мајстори на фудбалската игра?

Според последните случувања, ќе останам на ставот дека Чедомир бил одличен фудбалер и добар тренер. Визионер, тешко. Напротив, прави грешки, кои подоцна можат скапо да не чинат, а згора на сè има лоша тактика, кога сака да пренесе некоја информација што треба сите ние да ја „лапнеме безпоговрно”, па макар и да му прогледаме „низ прсти” на неговите невистинити информации (нешто што ни „под разно” не смее да си дозволи!).
За константното форсирање на Тричковски (и кога е, и кога не е во форма, нема да пишувам) можеби само некогаш ќе прашам „зошто и денес”?. Но, ситуацијата во која се најде, налага да го прескокнам, барем денес. Но, за различното поимање на „функцијата на Пандев”, нема. И тоа е во моментов, чудна и помалку извитоперена јавно, ситуација која тој како селектор мора да ја „елиминира” во секое свое службено презентирање, бидејќи може многу лесно да излезе од контрола и да направи подоцна многу поголема штета.
Горан Пандев, за сите кои ги следат неговите игри, па дури и за тие што комуницираат лично со него, гледаме дека „го игра” на погрешна позиција. Можеби некогаш тоа му беше „природна позиција”, но веќе многу работи се променети кај Пандев, што за ваква концепција кава ние ја имаме, скоро задолжително мора да игра „централен шпиц”. Да биде во ситуација да биде многу пофункционален кога ќе добие топка, со еден до два потега да упати шут кон гол, а не „да се мачи” и „бори со противниците” градејќи позиција за шут.
А тоа што во меѓувреме на Горан му е „спакувана кампања” дека Македонија може без него е само една фарса, која баш би сакал да видам колку може и до кога ќе може. Едно треба на сите да ни биде јасно, ако сакаме големи успеси репрезентативно, играта барем сега-засега во периодов од година-две (ако Бог даде да биде оддалечен од повредите) треба да биде конципирана токму во главна улога со него. А покрај него да се промовираат младите фудбалери кои ќе стекнуваат и искуство и ќе бидат одлична соработка со него.
А  тука е и следниот проблем кој го изнесе Јаневски на прес конференцијата. Само неколкумина  тоа подоцна „медиумски го прокоментираа” (за жал, бидејќи е нон-сенс, а може да се каже и дека е целосна невистина).
Давид Бабунски, еден од исклучителните таленти, поливалентен фудбалер, кој е комплетно созреан токму за позицијата зад Пандев, не само што не е повикан, туку е да не речам, според мое мислење и дискредитиран во целата ситуација. Централен „за врска” токму онаму каде во моментов мислам дека и би можеле да имаме проблем дури и со Словенија.
„ ... Давид треба да работи, дури и одигра само еден натпревар, на пријателскиот со Црна Гора за „млада”, претходно играше за У19. Па премина во У21. Одигра еден натпревар. Не смееме исто така со еден натпревар, дека децава се веќе стигнати и имаат таков квалитет да настапуваат и за сениорска репрезентација... „ - изјави Чедомир Јаневски.
Е сега ако се водам по она што Чедомир го кажува тогаш ќе прашам како тоа е викнат на пример Мите Цикарски, кој нема воопшто ни стандардно место во У21, а веќе влегува во „сениорска”. И ако е така, во тој случај можеби е пологично да бидат повикани, на пример, и Јани Урдинов или Стефан Ристевски (нормално на друга позиција) кои ги гледавме сезонава низ квалификациите со скоро стандардно место во „млада”? А да не зборувам за педагошкиот момент кај децата кои без „У21” искуство се трансферираат во „А”, па после да ги видам како ќе играат назад во У21 (со погрешно позиционираната „псеудо-ѕвездена ментална склопка” и однесување кон останатите од „млада”) каде природно треба да „се развијат”!?
Чедомир!?
Конкретно за Бабунски нема многу да коментирам, иако него го гледам „во живо низ цела сезона” . Но и да не го земаме предвид  мојот коментар, туку оној кој можам да го слушам низ сите натпревари кога ја следам У21 преку „лајв стрим”. Не одете подалеку, ете ви го дури и последниот натпревар против Србија на кој имав можност да го слушам српскиот коментатор „и покрај победата на неговата репрезентација” кого го „честеше” постојано со „супервлативи”. Објавените текстови во италијанските и германските медиуми, можете да ги најдете на нет, потпишани се исто така од искусни спортски новинари-аналитичари, кои имаат малку поголема визија „од наш Чедомир”.
(чисто информативно, Бабунски има одиграно три пријателски натпревари и 5 официјални во квалификации за У21, а од каде на селекторот му е пласираната информација дека е само еден натпревар-и тоа пријателски, самиот треба да се праша. Така „елиминација” не се прави. Лагата е лага, па макар е кажана и од Обама. Натпреварите кои тој ги одигра во врвна форма, може да се видат низ видеа и извештаи, против Еспањол, Тот`нам, Андерлехт и Волфзбург . Ќе биде премногу да ги елаборирам. Требало селекторот да знае и за нив, бидејќи и онака рече дека „средниот ред е најпроблематичен”. Веројатно екипите кои ги споменав не се на нивото на „Зрзе и Саса” па затоа и нема место за него. Само ме интересира како тоа Чедомир мислеше дека „треба уште да работи”!? Дали фудбалски да работи, бидејќи сè ова е премалку или да работи некаде на друго место, во сервис, фабрика или агенција? Секоја чест на „исклучоците” од оваа линија, која е солидна, на свој начин)
А она што го кажа за „новото освежување” Адис Јаховиќ, за кого веројатно не треба докажување, може само да не радува бидејќи претпоставуваме дека изборот токму за него на Чедомир е поради тоа што Јаховиќ е „топ фудбалер”  и можеме само да кажеме „честитки”.
Но, она што веднаш потоа следуваше како објаснување на целината, повторно ми го мати умот.
„ ...ќ е ни биде потребен и еден таков играч кој може да задржи добро топка во нозе, да игра со грб свртен спрема противничкиот гол, не се срами да работи и дефанзивни задачи, затоа и заслужува да биде повикан”.
И за крај после ова јас само ќе прашам:
 „Чедомире, дали „фудбалски” сè е во ред со тебе? Дали си ги преслушуваш муабетите кажани јавно? Дали правиш репрезентација со фудбалери кои се комплетни или ти требаат само фудбалери кои ќе можат да задржат добро топка во нозе, да играат со грб свртени кон противничкиот гол и да не се срамат да работат и дефанзивни задачи?
„Чедомире, јас познавам неколку деца кај мене во маало, кои знаат да играат така „со грб свртени” а и не се срамат да играат „било каде”.
Дали ние зборуваме за репрезентација или за некоја фудбалска школа?
Дали Чедомир ќе објасни на следниот прес за некое ново освежување што знае на пример „добро да води топка покрај аут линија” или добро да изведува корнер со лева нога?
Дали е ова муабет кој морам да го слушам, бидејќи со нетрпение го чекам секој следен прес?
Чедомир Јаневски, драго ми беше кога „те запознав” на испитите за ПРО лиценца. Сè уште ги чувам 18-те часови видео материјал, на кој си и ти, смирен и сталожен, без непотребни муабети, кога верував дека еден ден ќе бидеш исклучителен визионер кој како фудбалер ми беше еден од незаборавните на Вардаровата, можеби и најдобра, генерација. Но, Чедомире, премногу мир има во твоите визии за веќе да верувам дека ќе направиш резултат кој ќе ја крене Македонија високо во европскиот фудбалски квалитет.
Можеби професорот по фудбал, Боби Марковски, го нема твоето тренерско искуство, но го има визионерството и техничкото знаење што да се бара-кога се бара. Почни со советите од него, а подоцна можеш да продолжиш со дел од околината ти блиска (барем некои од нив), во кои има многу повеќе визија за прогрес.
Така ќе бидеме сите среќни и презадоволни.

No comments:

Post a Comment