8.1.13

Лео Меси ќе ја добие и годинешнава Златна Топка на ФИФА

(Објавено на Кајгана на 19-ти ноември 2012)

http://kajgana.com/leo-mesi-kje-ja-dobie-i-godineshnava-zlatna-topka-na-fifa

Иако е уште рано и речиси се држи во тајност комплетното гласање на ФИФА (оние кои имаат право да гласаат: капитените, селекторите и одбраните медиуми, новинари) како никогаш досега тие претпоставки не биле толку транспарентни. Веќе „и врапчињата знаат" дека Лео ќе ја држи в раце новата „Топка".

Пишува: Игор „Топки" Филевски
Не се во прашање веќе само бројките кои ако статистички ги гледаме може да прават лоша симулација, ако сакате да претпоставите резултат,  според случувањата во националните првенства и учествата во репрезентативните настапи.
Да, можеби ќе кажете Кристијано Роналдо. Можеби ќе кажете Чави или Иниеста. Можеби ќе кажете некој друг ваш љубимец кој не е никаде меѓу споменатите. Дури и јас едно време мислев дека Икер Касиљас заслужува да биде со овој трофеј за годинава.
Но, веќе и мене ми стана јасно дека сум во грешка.
Лео Меси ја освојува „Златната Топка", колку и да сакаат да го прикријат тоа во ФИФА!
Лео Меси го собори рекордот на Пеле. Лео го брка рекордот од 1972-та година на Герд „Торпедо" Милер. На Лео веќе почнаа да му ги одбрoјуваат и асистенциите.
Веќе сите заборавија дека Кристијано Роналдо ја освои шампионската титула со Реал Мадрид, а не Лео.
Веќе сите заборавија дека Чави и Иниеста направија прекрасен исчекор со нов трофеј во репрезентативниот дрес и на Шпанија и го продолжија владеењето со Европа.
Веќе сите заборавија дека Икер Касиљас беше можеби и најзаслужниот за патеката која успешно ја чекореше неговата репрезентација, дури и тогаш кога не и одеше добро.
Веќе сите заборавија дека Челзи и Баерн Минхен го изиграа финалето во Лигата на Шампионите, но без некоја екстра популарна ѕвезда која остави печат да се памети во наредните децении.
На почетокот на септември кога започнуваа сите национални првенства, тук-таму ќе се споменеше муабетот за тоа кој оваа година ќе стигне до „Златната Топка" на ФИФА. Но, сите беа скоро поделени. Можеби Кристијано тогаш водеше во анкетите, иако не заостануваа Иниеста и Чави, па дури одвреме-навреме и Икер.
Но, тогаш не се гласаше. Тогаш немаше ни предлог листи испратени до ФИФА кои се тие што ќе бидат на функциите за гласање (пријавени капитени, селектори, медиуми...)
Времето како да избриша сe во еден миг. Меси со секој следен постигнат гол, „се врати во игра". Сите медиуми почнаа секој-неделно да потсетуваат на 75-те голови на Пеле.
Свесно или несвесно, сите светски медиуми му направија совршена кампања на фудбалерот кој скоро и да не освои значаен трофеј годинава, а со секој нов ден да биде поблиску до најважниот трофеј. Во меѓувреме го собори Пеле. Сите сега ги пополнуваат своите вести и насловни страни со останатите 9 натпревари и евентуалните 8 голови.
Лео се позиционираше како никогаш досега. Сега веќе се вадат и стари рекорди на кои одвај се сеќаваме дека беа постигнати, од Батистута, од Сантиљана итн.
И токму во овие моменти на кампањата која ја опслужуваат сите медиуми во светот, се случува гласањето во ФИФА. Токму кога сите зборуваат за волшебникот од Аргентина.
Заборавија на трофеите на Кристијано и на совршените игри на Чави и Иниеста. Заборавија на најдобриот голман во светот, во овој миг со уште повеќе трофеи и од Чави, Иниеста и Кристијано, годинава.
Тоа е една и можеби најважната работа во цела оваа „игранка" на ФИФА.
Менаџерите на Кристијано тоа одамна го знаат. Исто  како што знаат дека со дадените изјави Криситијано си направи сам на себе лоша работа, дека „да можел би гласал за себе" и дека „тој знае дека е најдобриот во светот".
Oва некого и ќе го иритира, за разлика од Лео, кој ја има улогата на „скромно фудбалерче" секогаш со умерени изјави и со почит кон сите, без ниеден излив на самобендисаност или ароганција.
Затоа „оние кои работат" за Кристијано пробаа да го направат и послениот удар. Излобираа викенд-интервју за Си-Ен-Ен, како последен миг во кој можеби ќе се направи пресврт кај оние кои се уште не ги имаа предадено своите гласови.
Но и тоа од маркетиншки аспект, како наменски проект за Изборот на ФИФА, е веќе задоцнет потег. Затоа и се гледа рамнодушноста на Кристијано кон ова гласање, викендов. Свесен е и самиот дека Лео повторно му ја зеде како „од пред нос" Златната Топка и со помалку верифицирани трофеи од страна на самата организација - ФИФА.
А тоа го знаеме и сите ние, на кои не ни требаат веќе сондирањата од нашите извори, кои телефонски ги прераскажуваме „знаеш ли за кого гласал Икер, а знаеш ли за кого Чех?"
Во секој случај, можеби и да не се сложувате со тоа, веќе неколку години наназад го потенцираат дури и челниците во ФИФА, а и уредниците на многу светски влијателни спортски медиуми, дека најдобар фудбалер не се бира само според заслугите за освоените трофеи, туку се бира комплетната фудбалска позитивна личност, која е воедно и светски промотор на Фудбалот „напишан со голема буква". Е тоа е веќе друго, нели. Тоа е оној кој во јануари ќе ја подигне новата „Златна Топка" и повторно рекордна! Лионел Меси.

No comments:

Post a Comment