23.10.13

Зошто македонскиот клупски фудбал никогаш нема да биде дел од групната фаза на Лигата на Шампионите?

Поради многу нешта, но и поради уште нешто многу важно кое стартуваше токму пред два дена.
„Довчерашната„ НекстГенСерија ја откупи УЕФА. 

А што беше НекстГенСеријата?

Младите од сите клубови до 19 години (и помлади) до оваа година си имаа своја „приватна“ лига во која се натпреваруваа, независно од УЕФА. Во исто време, повеќе од една година УЕФА правеше напори да биде сето тоа под нивна „капа“. На крајот успеаа. Од оваа сезона НекстГен Серија „се продаде“ на УЕФА и веќе е комплетно во нивна организација (сега веќе под името „УЕФА Младинска Лига“)

А што значи пак тоа?

Еден ден претходно, пред да започнат натпреварите од групната серија во Лигата на Шампионите, се играат натпреварите (во ист распоред на групите) на тимовите кои настапуваат, во категорија до 19 години.
Така, младите на Реал Сосиедад ги победија младите на Шахтјор 3:2, младите на Јуве изиграа нерешено (2:2) во Копенхаген, младите на Наполи го победија Дортмунд со 1:0, хувенилите на Барса ги победија на Мини Естади младите на Ајакс 4:1, младите на Галатасарај изиграа нерешено со младите на Реал, а хувенилите на Атлетико исто така победија против младите на Зенит 4:2.

Токму поради тоа македонските клубови ќе имаат уште поголем проблем од следната сезона да бидат блиску до групната фаза. Екипите во Европа стануваат посилни и посилни. Нивниот млад кадар пополека но сигурно, е веќе компетитивен и со искуство.

Тоа веќе со сигурност значи дека оние кои сега се натпреваруваат во младинскиот куп во Лигата на Шампионите, следната сезона ќе бидат уште посилни, бидејќи внесуваат „свежа крв“ во своите редови од првите екипи, набиваат натпревари во искуство и имаат на кого да се потпрат во годините кои следуваат и потоа. Покрај тоа во исто време и добиваат финансии за сета таа игранка.

Кај нас сеуште се „лута во празно“. Нема никаков закон, кој на пример, барем ќе им наметне на македонските клубови да мора да имаат во екипа барем еден до 21 година и еден до 19 години, на секој натпревар во континуитет. Тоа значи дека ако на пример треба да има измена на 19-годишникот да мора и тој што ќе влезе да има минимум исто години. (ова е само еден предлог, како да се најде начин да се добие квалитетен кадар во првата лига). Со тој принцип, многу едноставно добивате 12 „младинци“ кои стекнуваат проволигашко искуство. Добивате многу посилна млада репрезентација. Добивате многу посериозен кадар и во сениорската. Се` е многу едноставно ако сакате подигнување на квалитетот. Ако сакате, пред се`. Само со носење на квалитетен и објективен закон.

А вака, само ќе тапкаме во место. Останатите клубови во Европа ќе се развиваат уште побргу. Репрезентативно исто така. А ние ќе гледаме Лига на Шампиони само на телевизија и во следните децении, додека младите ќе ни имаат само една цел - „да го напуштат што поскоро македонскиот клупски фудбал, надвор во „белиот свет““.

(објавено на ДЕРБИ.МК на 19 Септември 2013)

No comments:

Post a Comment