21.10.13

Време е да се соочиме со Вистината, „за Македонија нема да има ни европско, ни светско“

Токму затоа тоа треба да ни биде репер.
Ако индивидуално фудбалските клубови во Македонија се сиромашни и немаат ни визија за „чекор по чекор“ создавање на квалитет кој може да донесе некаков пред се` фудбалски, а дури потоа и финансиски позитивен резултат, репрезентацијата е вистинско место за тоа. (клубовите и нивните „сопственици“ најчесто сакаат преку ноќ да им се вратат вложените пари и трчаат по инстант успех, кој за жал никогаш не можат да го доживеат, што е многу нормално)
Шпанската репрезентација стана европски шампион, па светски, па повторно ја одбрани европската титула. И пак е најголем фаворит и за останатите големи светски фудбалски манифестации.
А како дојде до тоа?
Сигурно не со инстант индивидуалното експлодирање на ѕвездите со поливалентен квалитет како што се Чави, Иниеста, Торес, Сеск итн...
Напротив, (иако се тие исклучителни таленти од раѓање, очигледно, но секаде има по некој таков квалитет) со долгогодишен план и работа на неколку селектори во неколку фази во различни тајминзи на возраста на претходно споменатите.
Планот во неколку наврати шпанците го имаа зацртано уште од далечите 80-ти години на минатиот век. Но, никогаш толку дисциплинирано како што во почетокот на новиот век.
Имено со стартот на 2000-тата тие (и малку претходно од оваа година) ги стартуваа како потенцијал со кој ќе работат во сите следни години и со максимално ангажирање во секоја категорија. 
Сеск, Торес, Иниеста, претходно Чави и сите останати кои сега се светски мега ѕвезди тогаш започнаа со своето „триумфизирање“ уште во најраните категории, прво од репрезентативните учества во У-16, па У-17, па У-19, У-21 и на крај во апсолутната категорија, сениорската А репрезентација.
Колку за информација, како тоа изгледаше низ посветување и трофеи?
Сиот фокус низ минимум 4 циклуса работа.
Прво освојување на трофеите во Меридијанскиот Куп, на свои 16, односно 17 години.
Подоцна истата генерација по неколку кратно освојување на тој куп , влегува во фазата од У-19 и У-20. Тука истите овие фудбалери веќе надградени со своето фудбалско знаење и искуство како деца, ја освојуваат Европа и стануваат повторно шампиони. Повторно имаат две последователни титули како репрезентација на Шпанија и преминуваат во следната категорија У-21. И во таа компетитвност многу бргу преземаат да го носат товарот на апсолутната категорија, А селекцијата. Оттука ја знаете приказната, Шампиони на Европа - двапати и еднаш Светски шампиони. За првпат во својата историја.
Сега во меѓувреме нивните млади колеги продолжуваат по истите патеки. 
У-16 и У-17 се шампиони од 2008, вицешампиони од 2010. 
Како У-19 и У-20 се вицешампиони во 2010 и двапати шампиони на Европа во 2011 и 2012. 
Како У-21 се шампиони на Европа од 2011 и 2013, двапати едно по друго.
И сега се сомневате дали Чави, Иниеста, Сеск Торес и сите останати ќе имаат достојна замена?
Не, нема да има никаков прекин во нивното покорување на светот во фудбалот на планетава. Можеби нема да се секогаш шампиони, но уште долго ќе бидат „рамо до рамо“ со шампионите.
Токму заради тоа што не бараа инстант успех на А селекцијата, туку затоа што започнуваа со овие кои денес им се ѕвезди, од најмали нозе, затоа што се фокусираа нив да ги водат низ неколку циклуси, затоа што беа трпеливи и максимално трудољубиви. Затоа што се дисциплинирани и затоа го живеат Успехот. Сиот свој максимално квалитетен „учителски“ кадар го посветија на децата, а подоцна „децата“ им вратија со неминовен резултат.
А кај нас се` е обратно.
Се` е фрлено само на А селекција, а во младите категории „се вежбаат“ оние кои никој не ги есапи за нешто повеќе.
Никој не ни обрнува внимание на нашите категории од У-15 па нагоре, како и да не постојат.
А сакаме инстант успех само со А селекцијата.
И тоа со пример каков што ни се случува постојано, еден дојди „крени го од мртвите“ додека си најде ангажман за убав „кеш“.
Чедомир го назначија во прво коло и веднаш сакаме на „светско“. Тој дури и самиот се прецени со изјавите дека „можеме“. Кога сфати дека се` му беше избрзано, избега „без никој да го види“. Иако уште од старт ја претпоставив ситуацијата, сепак морам да бидам искрен пред се` кон самиот себе, дека кој и да беше на негово место ќе го постигнеше истото. Нула. Затоа што успех не се добива преку ноќ, туку со минимум 15 пријателски контролни натпревари, минимум со „два циклуса во рака“ без оглед на резултатите, па дури тогаш може да се направи „сума-сумарум“.
А вака, ќе лутаме уште многу децении. 
Од нашата фудбалска репрезентација уште минимум 10 - 15 години нема да има ни ЕП ни СП, сем ако не се смени системот па да учествуваат сите европски држави и тоа да трае 3 месеци како манифестација. Па дури тогаш да учествуваме кога ќе им се оствари сонот и на Лихтенштајн, Сан Марино, Фарските острови, Белизе, Сао Томе и Принсипе, Монсерат итн...
Затоа време е некој друг да се фати со менаџирање на целиот систем во ФФМ, ако сакаме да имаме успех. 
Вака, се лажеме самите себе иако заслужуваме барем малку вистина.

(текстот е објавен на ДЕРБИ на 29 септември 2013, а ова е линк до таа објава)

No comments:

Post a Comment