22.5.12

ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2012/13

Според коефициентите кои ги имаат во УЕФА, за следната сезона во ЛШ Челзи, ФКБ, М.Јунајтед, Баерн, Р.Мадрид, Арсенал, Порто и Милан ќе бидат во првиот сад и нема да можат да се сретнат меѓу себе во првата фаза по групи. Оние кои ќе им бидат можни противници, нормално нема да можат да им бидат само ако се од иста асоцијација, ќе се: Валенсија, Бенфика, Шахтјар, Зенит, Шалке и Ман.Сити. А од третиот сад можни противници ќе се: Олимпијакос, Ајакс, Андерлехт и Јувентус и останатите кои низ квалификации ќе обезбедат учество.
А од четвртиот сад ќе излезат како евентуални противници: Галатасарај,  Борусија Дортмунд, Монпеље и данскиот шампион кој директно би влегол во групите (а ако е Копенхаген ќе биде во третата) како и останатите кои ќе обезбедат учество низ квалификации. Некои од тимовите иако се шампиони во сопствените земји имаат многу низок коефициент кој нема да може да ги смести во првиот сад каде се најуспешните. Ова е само претпоставка и мала анализа.Факт е исто така дека низ квалификации се` потешко ќе биде учеството во фазата-групи од земји како што се нашата, со екстремно низок коефициент, за уште помалкуте слободни „квалификациски места„.

КОЈ ГИ НАРАЧУВА ТЕКСТОВИТЕ ВО ДЕЛ ОД „НЕЗАВИСНИТЕ„ СПОРТСКИ МЕДИУМИ?

Премногу негативна енергија, премногу злобни стрели од еден дел на новинарската фела кон настапите селекторот на младите, Бобан Бабунски. Дали е тоа воопшто потребно?
Не мислам да пишувам во одбрана за човекот кој ми е и личен пријател (иако јас знам да искритикувам и во таков случај, кога сметам лично дека тоа е потребно и кога држам таков став, тоа барем им е познато на сите мои пријатели) туку едноставно, искрено верувам токму сега во успехот на единствената фудбалска репрезентација која е веќе подготвена за голем исчекор од досегашното сивило. 
Верувам пред се` во настап на европското првенство.
Бабунски направи големи промени пред се` во свеста на фудбалерите, а и го направи најдобриот „сетап„ досега. 
Тоа што некои сеуште го сместуваат како помошник на Тошак, тоа е заблуда која Бобан уште долго време нема да може да ја „отпише„. Времето ќе покаже дека Тошак одамна (веќе неколку месеци) работи со други асистенти. Некому очигледно не му одговара тоа да го покаже или напише. „Убаво е„ кога се фрлаат стрелите кон тој кој не им е омилен.
Ако беше така како што „некои„ пишуваат, немаше сега Тошак, токму во двата пријателски натпревари да ги земе најдобрите од младата селекција. Ќе ги оставеше да се уиграат уште повеќе пред натпреварот кој носи бодови и кој е одличен како тајминг за дуелите кои значат „патека кон ЕП„. Португалија и А-тимот за мене се одамна надвор од целта. Искрено, не ни верувам во некои од наредните квалификации дека ќе бидеме успешни. 
Нам ни е потребан комплетна „ремонтада„. 
Комплетно подмладување на селекцијата. 
Затоа и можеби треба да се форсираат младите кои еден ден во комплетен состав, како што се сега, ќе бидат А-селекција. Е тогаш можеби ќе можеме да се надеваме на европски или светски исчекор.
Затоа, не ми се јасни написите во кои вирее зло и негативна енергија.
Кому е тоа потребно, сега кога имаме шанса и добро позиционирана патека на движење? Статистиката, а и натпреварите ги гледавме сите...повеќе од јасно е дека на младите им треба поддршка, токму сега, а не кавга и „фингирани написи„. 

21.5.12

ЧЕЛЗИ ШАМПИОН, УЕФА БЕЗ ОЧЕКУВАНИОТ ПРИХОД И СВЕТСКИ ИНТЕРЕС

Честитки за навивачите на Челзи. 
И тие веќе го имаат својот омилен клуб меѓу Великаните на УЕФА.
Но, уште еднаш се потврди фактот дека и покрај тоа што Баерн Минхен беше домаќин и Челзи противник светскиот интерес нема да е на очекуваното ниво. Тоа го потврдуваат и 30%-те отсто вратени влезници и резервирани хотели од страна на „богатите арапи„ дека ќе биде едно полуздодевно финале. Ако не беа продолженијата и пеналите, натпреварот веројатно ќе се заборавеше уште во текот на утринските часови. Ќе останеше само славјето, статистиката и новиот шампион. Вака барем ќе зборуваме за пеналите и ќе честитаме на новиот шампион.
Фактот, што не е срушен рекорд во гледаност, рекорд во откупени ТВ права, во медиумски известувачи и преносители на „живиот пренос„ ја потврдува исто така мојата претходно напишана реченица.
Челзи останува на тронот до следната сезона, а УЕФА ќе пресмета дека дел од заработката можеше да биде уште поголема. Како што можеби и очекуваа...
Најдобрите фудбалери и клубови, со нетрпение ќе се очекуваат дури од август натаму...

19.5.12

ФК БАРСЕЛОНА ВЛЕГУВА ВО КРИТИЧНА ФАЗА, ВО НАЈЛОШ МОМЕНТ

Денес Јохан Кројф отвори уште еден вратичка на „пандорината кутија„ сместена во канцеларијата на Сандро Росељ. Дефинитивно се потврдува и мојата теорија кажана пред некое време дека токму овој претстедател е најлошиот избор што можеше да го одберат гласачите.
Пеп, на самата Прес конференција кога беше соопштено дека тој заминува, дознава дека изборот за негов наследник е Тито Виланова. 
Зошто тоа Росељ го криеше до самиот крај?
Дали тоа беше само панична реакција, со неверувањето дека Пеп е дециден во одлуката?
До кога Росељ ќе го го турка надолу се` она што беше досега постигнато со Лапорта?
Зарем Марк Ингла не беше подобар избор, ако веќе Лапорта мораше да замине?
Очигледно дека во ФКБ деновиве не е баш најсјајно, иако клупскиот ПР не ја претставува така ситуацијата.
Дани Алвеш е на излезна врата.
Абидал е скоро заборавен, па по последната „опомена„ тргнаа Росељ и Зуби да ја исправат ситуацијата.
Пике на продажба?
Кој вертикално од кантерата ќе биде во следната сезона на Камп Ноу?
Се шпекулира со Луиз Суарез, со Бејл?
Кеита сеуште не знае дали да го продолжи договорот или да си ја купи куќата на плажа во Кастељдефелс?
Дали ако некој арап понуди 300 милиони за Меси, Росељ ќе го стави на листа?
Овие прашања се се` погласно поставувани низ градот и не толку јавно презентирани. Но веќе ни Ел Мундо ни СПОРТ нема да можат уште долго да се опираат, прескокнувајќи ги намерно темиве.
Меѓу членството се` е погласно лобито, дека „се згреши со Лапорта„.
Со денешната изјава Кројф само долеа масло на огнот околу Росељ.
А не е многу далеку.
Се` се загуби под неговото претседателствување. И фудбалот ги загуби титулите и дел од останатите спортови. Му остана „футбол сала„ и смешно се билдаше кога го крена трофејот и рече дека овој трофеј доаѓа во вистински момент. Кој „црн момент„, кога до вчера 70% од навивачите не ни знаеја дека ФКБ има тим „футбол сала„. Влезниците се гратис, итн да не напоменувам. Хувенил А ја загубија титулата во последното коло, Барса Б е во проблеми со Оскар Гарсија и неговото ветено назначување, наспроти продолжувањето на договорот на Еузебио.
Но тоа, гласачкото тело го знае. За разлика од останатите. 
Росељ овој месец се` повеќе и повеќе ја губи поддршката.
Дали ќе издржи до следните избори, ќе знаеме во август.
Претпоставките велат, годинава ќе се побараат нови „предвремени избори„ во ФКБ. Е дали ќе успеат, тоа е веќе друго прашање.


Филе/Барселона

ВО КАСТЕЉОН И ПОСЛЕ ЦЕЛА НЕДЕЛА Е ХОРОР, А И ВО ШПАНИЈА ТЕШКО ДЕКА НЕКОЈ ВЕРУВАШЕ ДЕКА ТОА ЌЕ СЕ СЛУЧИ

Во Кастељон сеуште не можат да се помират со фактот дека една од најдобрите „кантери„ во Шпанија се уназадува со суперсонична брзина. Испаѓањето од Првата Лига на Виљареал, повлекува неколку чекори кои допрва ќе бидат пораз за целото раководство на „подморницата„. Таа тоне и тешко дека наскоро ќе има брзо враќање.
Имено, со испаѓањето на Виљареал во поселдните минути од последното коло, испаѓа по автоматизам и Виљареал Б во третата лига. Децата кои цела година одиграа одлично и се најдоа во средишниот дел од табелата во Аделанте Лигата (тоа е втората шпанска фудбалска лига) сега ќе мора да се преселат во третата бидејќи во една иста лига не може да играат две екипи од ист тим (во случајов Виљареал А и Виљареал Б). Е сега тоа вертикално поместување што сите го очекуваа во Б-тимот на Виљареал, ќе го нема во Ла Лига. „Платениците„ кои играа во Виљареал веќе си имаат обезбедено други клубови. Кантерата е „на колена„. Ова е нешто што никој не го посакува и што тешко некој веруваше дека ќе се случи.
Кастељон е во тешко разочарување и клубот, тешко дека во наредните години дека ќе може да застане повторно на цврсти нозе.
Ударот беше премногу ниско.
Во недозволената зона, каде премногу боли и каде ударот остава најголеми последици, меѓу најмладите и носечкиот кадар за квалитетен развој.

Филе/Барселона


СО НОВА ПЛАТФОРМА ВО НОВА СЕЗОНА

Една сезона завршува, следува нова со анализите, коментарите и комуникацијата преку првото место на моите фудбалски средби со остатокот од светот. Ова место на комуникација од денес повторно се враќа „во живот„. . . во нова платформа . . . :-)

6.11.11

ВРАЌАЊЕ ВО ИДНИНАТА . . .


Од денес, Недела, 6 ноември 2011 година, повторно враќање и на текст-блогот како и на видео-блогот и на оваа страница . . . Тематски, многу поразлично во однос на инспирацијата: шпанското говорно подрачје и директно поврзување со емисијата која ќе се емитува на АЛФА ТВ, секоја недела од 19.30 часот.
Првата епизода на ТВ е најава на се` она што ќе може да се гледа сезонава во „ТОПКИ„, а овде, она што нема да го „дочуете„ на тв :-).
Од утре ќе контактираме преку сите медуими . . . Фудбал, Фудбал и Фудбал . . .

16.2.11

ОВОЈ БЛОГ СЕ ПРЕСЕЛУВА НА НОВА АДРЕСА! ВО НОВА ФОРМА, ВИДЕОБЛОГ.

Сите нови содржини се префрлуваат на новата страна:

http://www.youtube.com/user/igordeargentina?feature=mhum

10.4.10

ДАЛИ МАГИЈАТА ЌЕ СЕ ОСТВАРИ, НА САНТЈАГО БЕРНАБЕУ?

El Clásico и волшебниот број, во првиот македонски спортски видео блог . . .

2.4.10

НАЈУБАВИОТ, НАЈЕЛЕГАНТНИОТ И НАЈНЕИЗВЕСНИОТ ФУДБАЛСКИ ПРАЗНИК . . . СО ВЕЛИГДЕНСКА ЗАВРШНИЦА !

Прекрасна средба, после која прво што ќе кажам е мојата лоша проценка од претходниот текст за една битна фигура од првиот дуел.

Алмуниа е првата моја лоша проценка.
Очекував дека ќе биде на „висина на задачата„, просечен како и секогаш. Но, овојпат Алмуниа беше фантастичен, неверојатен, и комплетно без вина дури и за двата примени гола. Меч кој и самиот верувам ќе го памети и штета што неговиот тим не му овозможи цел живот да се сеќава на овој дуел. Во стил на ракометен голман сигурно дека на Меси, Чаби и Ибра, голот со него на средина им изгледаше помал и понизок.

Пеп постави повторно две слични полувремиња.
Првото со пресинг од трите линии, пошироко развлечени со постојано позиционирање што поблиску до голот на Арсенал.
А второто, слично, но малку во обратна високо позиционирана формација. Комплетно трите линии позбиени со поголеми работни задачи наназад кон голот на Валдес.

Причините се јасни,со само една цел, да се постигне што порано гол.
Нешто што му успеа во второто.

Позбиени редови за потешко пробивање на Фабрегас, Насри, Аршавин и Бенто.
(Што не беше иста препрека и за Волкот, човекот кој на моменти знаеше да ја измеша крилната одбранбена линија)

А од друга страна (во второто полувреме) со така поставени линии, повеќе простор за брз трк на Меси во фор кон Ибра или варијанта од која паднаа и двата гола, со пас кон Ибра (на линија на офсајд) во брза финализација.

Без многу философирање Пеп очигледно, овојпат и без новина во форматирањето на позициите со нови улоги, требаше да дојде до поповолен резултат барем во првите 20-тина минути.Од 2о-тата минута Арсенал успеа да го балансира тежиштето на игра и веќе почнавме да го гледаме тимот на Венгер кој сме навикнале да го гледаме.

Сепак во едно мора да бидеме прецизни, Барселона беше поконкретна иако без прецизна завршница. Не значи ова дека била класа подобра. Не, напротив, од двете екипи кои играат еден брз, динамичен, отворен и секогаш елегантен фудбал, Барса беше за нијанса поконкретна во дисциплинираното остварување на зададената цел.

Венгер, очигледно дека имаше проблеми со составот.
Но, токму тоа Пеп го искористи.


Сонг во дефанзива дезориентиран, а при транзиција во напад со него се создава критична точка. На вакви две слично-концепциски екипи еден човек може да направи разлика, а да не зборувам се што значи во овој случај „критичната точка„.

Бенто подобар од десно отколку централно пред Валдес, нешто што не смее да се изостави од внимание на Камп Ноу, а на Волкот ќе мора да се обрне многу поголемо внимание. Посебно што централниот хендикеп за Барселона во реваншот ќе биде најосетливото место. Милито ќе покрие дел, Маркез би бил неопходен, но дали Туре ќе добие друга задача и дали ќе се активира Марк Муниеса во негово деби во Лигата.

Ова ќе биде тема на Великденските муабети.

Многу нови прашања отвори дуелот во Лондон, а на некои од нив ќе мора да се реагира веднаш.

Фабрегас и Аршавин со сигурност нема да бидат опасност за Валдес.


Но, дали тоа е само првична еуфорија на позитивно расположение за хендикепираниот Арсенал или Венгер планира ново „откровение„?


Како и да е, очекувам во вторник, завршница на празникот по повод најубавиот, најелегантниот и најнеизвесниот дуел од оваа фаза.

29.3.10

ФАН Vs. ФАН: АРСЕНАЛ - БАРСЕЛОНА . . . статија објавена на порталот www.24fudbal.com.mk

Фанот на Арсенал, Иван Ефремов vs фанот на Барса, Игор Филевски - Филе како загревање за спектакуларниот дуел од Лигата на Шампионите.


Ждребката сакаше Арсенал и Барселона да се сретнат во 1/4 финалето од Лигата на Шампионите, двете екипи кои според многумина го играат најубавиот фудбал во моментов.

Љубителите на фудбалот очекуваат спектакуларен, атрактивен, офанзивен дуел, најпрво на Емирати, потоа и на Ноу Камп, несомнено Барселона е фаворит на хартија, но и фудбалерите на Арсен Венгер имаат свои сметки.

Барселона јуриша кон ново финале во Лигата на Шампионите кое овој пат се игра на стадионот на најлутиот ривал, Сантијаго Бернабеу, Арсенал бара одмазда за поразот од финалето во 2006.

24fudbal.com.mk во новата рубрика "фан vs фан" разговара со Иван Ефремов, фан на Арсенал и Игор Филевски - Филе, фан на Барселона.

1.Најпрво како сте задоволни од ждребката за 1/4 финалето од Лигата на Шампионите?

Иван (Арсенал): Кога би рекол дека сум задоволен и дека прскав од среќа кога ја видов ждрепката, тоа би било претенциозно. Од друга страна, дел од мене го посакуваше дуелов со Барса, затоа што актуелниот шампион прв пат ќе го видиме против екипа која е на еквивалентно техничко ниво и која нема да се плаши да ги нападне. Друг момент е тоа што на млад тим како на Арсенал му одговара да биде предизвикувач па притисокот дефинитивно ќе биде врз Каталонците. Така, во глобала емоциите околу ждрепката се измешани, но за разлика од многумина, мислам дека ќе беше полошо за Арсенал ако го извлечеа со Баерн Минхен или Манчестер Јунајтед.

Филе (Барса): Посакував тоа да биде финале, а конкретно во овој круг прво го посакував Манчестер Јунајтед, за уште еднаш да ја потврдиме доминацијата на Блауграна врз фаворитите. Но, ете среќата сакаше да се сретнат токму сега двете екипи кои играат еден слично атрактивен, отворен и напаѓачки фудбал.

2.Арсенал и Барселона важат за двете екипи кои го играат најубавиот фудбал, ќе бидеме ли сведоци на фудбалски спектакл кога е во прашање убавината на фудбалот?

Иван (Арсенал): Ова би требало да е најголемата вистина во поглед на дербито. Факт е дека двете екипи го играат најбрзиот и најтехничкиот фудбал како колективни целини, но специфично е и тоа што фудбалска Европа никогаш не била сведок на натпревар со толку многу квалитетни индивидуалци од двете страни. Физиономијата и фудбалските вредности што ги негуваат двете екипи, едноставно гарантираат фудбал кој што јавноста ќе ја остават со подотворена уста и кој ќе биде предмет на пуста желба на многу “нефудбалски“ екипи.

Филе (Барса): Да, три години наназад Арсенал е секогаш една од двете екипи кои на крај го добиваат тоа признание. Токму тоа ме остава без здив уште при самата помисла на среда вечер. Нема затворена игра, За Барселона тоа веќе одамна е јасно, но истото важи и за Арсенал. Тие ниту знаат и ниту пак сакаат да играат затворено, она што Челзи може да го игра секогаш кога би посакал. Можеби некој ќе замери на овој мој став, но јас лично, не сакам да гледам затворен фудбал (иако тоа е дел од нечија успешна тактика). Лондон и Барселона ќе бидат вредни и од друг аспект, слични школи во однос на философијата на игра и посебно поради почитувањето кое го имаат еден кон друг Пеп и Арсен.

3.Кои се јаките и слабите страни на вашиот тим?

Иван (Арсенал): Најважните одлики на секоја голема екипа се карактер, искуство и жилавост за вадење резултати. Младите момци на Венгер почнаа да ги покажуваат тие шампионски атрибути и во играта на Арсенал може да се забележи онаа зрелост која очајно фалеше изминативе две години. Во поглед на дуелов, екипата што ќе ја добие средината, ќе го добие и натпреварот. Иако Фабрегас е моторот и духовниот лидер на Арсенал, мислам дека најважните играчи против Барселона ќе бидат Сонг и Диаби. Тоа се играчите кои треба да му обезбедат простор на Фабрегас да се изрази, играчи кои фантастично ја читаат играта, имаат неверојатни способности за држење на топката и изострени сетила за квалитетно додавање. Нивната физичка конституција и робусност ќе биде од непроценлива важност против уметничката експресија на Чави и Иниеста. Во другите аспекти, Дани Алвеш ќе има куп работа против Аршавин, истово важи и за Максвел ако Насри игра од десна страна, а назад жестината на Вермаелен и на страничните бекови ќе биде сериозен тест за артилеријата на Барселона. Огромен хендикеп за Арсенал е неиграњето на Галас, но Сол Кемпбел е играч војник кој недостигот на брзина го компензира со огромно искуство и физичка доминација. Во тој поглед е комплементарен со Вермаелен, а и добредојдена е неговата скок игра при корнери. Во генерала ќе биде интересно да се види како Барселона ќе се носи со ултра брзото темпо и пресингот на англискиот фудбал, бидејќи ќе имаат многу помалку време на топка без човек до себе.

Филе (Барса): Најсиланата страна е тоа што ние сме Барселона! А слаба страна е што имаме и одлична клупа, па некогаш е тешко да се направи изборот кој да биде меѓу првите 11-мина....

Сепак, сфатете го ова како мала шега.

Најсилната страна е сепак што имаме повеќемина кои се поливалентни фудбалери, фантазисти, играчи кои прават разлика на терен, без оглед против кого се игра. Го имаме Меси како предводник на таа интелигентна гарнитура на Блауграна. Во Барселона не постојат „алиби додавања„ или „пимплање„ како што некои наши коментатори од незнаење ги употребуваат како опис на различните фази во тактичката поставеност, во одреден момент. Во нашиот клуб и Валдес е исто толку битен во разигрувањето за Иниеста, исто како и Туре или Меси. Сите линии или ако сакате, сите позиции имаат свои задачи и во одбрана и во напад и во транзиционото движење во одбрана или во напад и обратно. Нешто што многу други клубови го немаат, како на пример, еден Руни или Парк секогаш ќе бидат хендикепирани во одбранбените задачи, бидејќи тие тоа не знаат да го играат, да не зборам за Берба или сличните нему. Во Барселона, Меси и Ибра ќе ги видите и во одбранбени задачи пред својот шеснаесетник, а не само да стојат колку да прават гужва.

Слабите страни може да дојдат само од недисциплина во играта и преземањето на просторот. Тоа знае да се случи, посебно ако имаме пред себе екипа која играта ја развива преку брзи крила до експлозивни и динамични напаѓачи. Аршавин е причина за страв, но ако дисциплинирано се затвори Фабрегас и еветнуално Диаби или Сонг на средина, тогаш и тој веќе не е којзнае каква опасност. А да бидам искрен, можеби малку се плашам во прецизната соработка меѓу Пујол и Милито за контрола на просторот по десната страна при излетите на Алвеш. Ако биде и таму се као што треба, тогаш ќе уживаме во прекрасен фудбал меѓу овие два тима во кој Барселона ќе биде поуспешна.

4.Од каде мислите дека ќе доаѓа најголемата опасност за вашиот тим, кое е најсилното оружје на противникот?

Иван (Арсенал): Барселона не е Меси. Барселона не е ни само Чави ни Иниеста. Тоа што ја прави Барселона најдобар тим во Европа е уиграноста која се движи по тенката линија на генијалност и лудило. Оваа постава игра заеднички толку време што за нив е веќе физички невозможно да не играат совршено. Барселона е хетерогена смеса од млада крв во играчи како Меси, Педро, Бојан и Бускетс, искуството на Чави, Иниеста и Анри, лидерскиот дух на Пујол и Пике и современата визија на Гвардиола. Не е тајна дека Меси е најдобар играч во светот, но навредливо е да се каже дека Барселона се носи на неговите квалитети. Барселона е повеќедимензионална фудбалска институција. Тоа е нејзиното најголемо оружје.

Филе (Барса): Па пред се опасноста најмногу ќе доаѓа од дисциплината во Барса. Ако се почитуваат принципите за пресинг кога топката е кај противникот, освојувањето на просторот во прецизни пасови на последните две линии и посебно брза транзиција кога ќе се загуби топката, тогаш не верувам дека ќе има опсаност. Единствено и во тој случај би оставил мал простор на внимание повеќе на евентуалните прекини во растојание на 20 метри од Валдес. Е сега, ако ова се расштимува, тогаш опасноста ќе доаѓа од сите позици, од Вермален па до Бендтнер. Но искрено, не верувам.

5.Кои сметате дека се слабите точки на противникот кои вашиот тим може да ги искористи?

Иван (Арсенал): Во последниве неколку натпревари одбраната и средниот ред на Барса се интересен предмет за опсервација. Јаја Туре е пример од учебник за тоа како како паѓа формата кај фудбалерите, а задната одбранбена линија би делувала малку комично кога не би биле Пике и Алвеш. Исто така би ја посочил нестабилноста на Валдез и неконзистентноста на Пујол.

Филе (Барса): Слабиот голман пред се. Тоа според мене е една од најлошите точки, кои ќе бидат „празник„ за Меси, без разлика дали ќе брани Алмуниа или Фабијански. Е сега се ќе зависи од тоа со кој состав ќе излезе Венгер. Јас би сакал да игра Росицки уште од првата минута, како што исто мислам дека и Едуардо би бил корист во наша полза. Вермален го очекувам со екскурзии напред а тешко дека Клиши со Диаби би можеле да ја пополнат празнината во евентуалната брза контра, уште помалку мислам дека пак Сања би ја префрлувал таа страна успешно во таков напад. Сметам дека и Пеп ќе дава насоки за повеќе шутеви надвор од шеснаесетникот, токму поради најслабата точка, бројот 1.

6.Барселона не крие дека посакува да го врати Фабрегас, медиумите се преплавени шпекулации на оваа тема, колку тие би можеле да влијаат на играта на Сеск на овој двомеч?

Иван (Арсенал): Медиумската хајка против Арсенал е константа како вечната транзиција на нашава земја. “Легијата на странци“ на Венгер е стандарден предмет на дискусија за медиумите во Англија, но изживувањето и притисокот на Барселона заедно со шпанските весници, кон Арсенал и Фабрегас е благо речено, срамота, пример за непочитување на професионална етика и ужасно евтин журнализам. Фабрегас е искален професионалец кој одлично се позиционира во тој лавиринт од лаги и не гледам како тоа би влијаело на неговиот мотив и играта во овие два натпревари.

Филе (Барса): Тоа е повеќе од јасно дека Фабрегас се враќа во Барселона. Но тоа, повеќе сум од сигурен дека нема да има никакво влијание, барем на првиот меч. За вториот, веќе во прашање се емоции, кога 100 илјади ќе му аплаудираат, но и тука се ќе биде јасно по тоа прашање. Сепак станува збор за професионалци, иако и тие се од „крв и месо„.

7.Вниманието ќе биде насочено и кон Тиери Анри, легендата на Арсенал по ждребката изјави дека ќе му биде многу тешко да игра против својот поранешен клуб. Јасно е дека Анри не важен за играта на Барса како што се важни Меси, Иниеста, Чави... но неговиот настап против Арсенал е момент кој мора да се одбележи.

Иван (Арсенал): Анри е можеби најдобриот играч на Арсенал на сите времиња. Неговото враќање буди емоции, а неговиот ставс говори доволно за врската што ја има со навивачите. Отворено зборува дека не сака да игра против Арсенал, за неговата психичка состојба во пресрет на дуелот и нормално, за желбата некој ден повторно да се врати во Арсенал во некоја друга улога. Сепак, сигурен сум дека доколку игра, како и секој професионалец ќе даде се од себе и неговата добра игра нема да го наруши угледот кој го ужива во очите на сите луѓе на кои им значи Арсенал. Тиери Анри е жива легенда и ќе добие достоен пречек.

Филе (Барса): Не се сложувам дека Анри ќе биде со најголемо насочено внимание. Прашање е дали Анри ќе биде дел од првата 11-торка. Можеби токму тука Пеп ќе го направи тоа што им го направи во средниот ред како прво изненадување во Лигата на Шампионите на екипата на Интер, кога правеше ротација во секоја минута на Чаби и Иниеста, кога Камбијасо не знаеше каде се наоѓа и која му е задачата. Мислам дека тоа Венгер веќе го виде. Но сеуште немаме видено такви ротации меѓу втората и третата линија, посебно во фаза на одземена топка на средина на терен и брзо префрлање во финализација. Анри нема да биде тоа што сите очекуваме посебно не сега, затоа од него и не очекувам многу, да не речам , дури очекувам да игра само едно полувреме, ако стартува.

8. Финалето оваа сезона се игра на Сантијаго Бернабеу, дали има посебно значење за Барса да ја освои Лигата на Шампионите на стадионот на најлутиот ривал Реал Мадрид?

Филе (Барса): Ако шетате низ Каталуња и ако направите анкета кој натпревар е најважен за Барселона во текот на една сезона, ќе добивате само еден одговор „Ел Класико„. Ниеден натпревар не може да биде поважен од тој, без оглед дали станува збор за борба за титула или едноставно натпревар кој бодовно не решава ништо. Е сега замислете го тоа, Финале и шампионска титула на Сантјаго Бернабеу. Тоа е повеќе и од „кордонот„ кој би го добиле ако се освои титула, едно коло пред „Ел Класико„.

9. Овој дуел може да се гледа и како шанса на Арсенал да се одмазди за поразот во финалето од Лигата на Шампионите во 2006, дали и вие гледате така на овој двомеч?

Иван (Арсенал): Таа искра сеуште тлее. Ме плаши какво влијание ќе има врз Алмунија кој во последно време е прилично несигурен, а и беше најодговорен за разочарувањето во 2006. Се надевам дека Арсенал тој гнев ќе го катализира во мотив плус да се добие актуелниот шампион и дека од целата галама ќе излезе нешто конструктивно. Приликата за реванш пристигна во вистинско време.

10. Првиот натпревар се игра на Eмирати, реваншот е на Ноу Камп, колку ваквиот распоред може да биде значаен за конечниот исход на дуелот?

Иван (Арсенал): Реваншот на Ноу Камп може да биде голем плус за Барса, но и не мора да значи. Арсенал е екипа што напаѓа без разлика каде игра, па така на натпреварување од ова ниво, разликата дома-гости постанува некако споредна. Секако дека Ноу Камп е култ и не многу посакувано место за противниците, но арсенализацијата на Емирати кажува дека и Арсенал подготвува пеколна атмосфера за гостите. Овој сплет на околности сигурно ќе има влијание на исходот, но мислам дека нема да биде пресудно. Од фудбалски аспект би сакал дуелот да остане неизвесен после првиот меч, за да гледаме уште еден квалитетен, но од навивачки аспект и со обзир кон моите живци, би сакал Арсенал уште дома да ја заврши работата. J

Филе (Барса): Па, сем емотивниот момент, за овие два тима тоа воппшто не е којзнае каков бенефит. Емирејтс има друга магија за разлика од Камп Ноу. Тоа можеби е пресудно за другите клубови, за фудбалери кои психолошки паѓаат после првиот примен гол. Во Арсенал и Барселона, побеничкиот дух има сосем друг код во карактерот на клубот и нормално меѓу фудбалерите кои ги носат тие дресови.

11. Ваша прогноза, како ќе заврши овој дуел?

Иван (Арсенал): Во принцип не зборувам пред рака, бидејќи ионака има доволно “спортисти“ по кладилниците кои ќе излезат со своите стручни прогнози, па така ќе се воздржам од директно предвидување на резултатот. Сепак, би рекол дека на Емирати Арсенал нема да издржи без примен гол, но ќе даде повеќе од Барселона, а на Ноу Камп очекувам победа на Барселона или нерешен резултат, но и во двата случаи, гол разлика со која што Арсенал ќе оди понатаму.

Филе (Барса): Па очекувам дека Барселона нема да загуби на Емирејтс, а ако имаме среќа со точките кои претходно ги споменав може и евентуално победа со гол предност,. Додека на Камп Ноу очекувам повеќе голови, пред се.

Подготви: Ристе Ѓорѓиевски

22.3.10

II ДЕЛ: ФЕРГУСОН „СИ ЈА СКРШИ ГЛАВАТА„ ВО РИМ, НО ВЕНГЕР НЕ Е ФЕРГУСОН . . .


Зошто Арсенал има повеќе шанси против Барселона,
отколку Манчестер Јунајтед против Баерн Минхен?

Натпреварот против Ливерпул, кој ја имаше сличната тежина како оној кој наскоро ќе биде примарна цел на „црвените од Манчестер„ беше една од возможните слики за анализи и во Минхен.

Ван Гал сигурно дека ги фати сите белешки од ова дерби.

Спора одбранбена линија во фаза на транзиција во напад, кога многупати секој сам, индивидуално според сопствените квалитети мора да најде начин како ќе ја додаде топката на некој соиграч или да ја префрли во долг пас на сосем друга странична позиција каде би го префрлил и тежиштето на притисокот од противникот.

Фудбалери - напаѓачи кои скоро и воопшто да не знаат да играат во одбрана, туку едноставно најчесто се во таа фаза колку „да се присутни, правејќи „гужва„ но факт е дека сето тоа е без сериозен притисок. Нормално дека сосем е друга нивната динамика и улога кога ќе се во транзиција на напад и посебно во фаза на напад до финализација на акција.

Практично се е оставено на робусниот Руни, кој како еден од најексплозивните напаѓачи во светот, многу често го има вистинскиот старт и одличното позиционирање во просторот од 25-30 метри пред противничкиот гол. На истата линија во контра е скоро несопирлив.

Но токму тоа е она што Баерн Минхен може да го затвори.

Прекин на дијагоналните додавања кон Руни од позициите на централните движења при позиционирано градење на акциите со повеќе додавања меѓу Флечер, Керик, Парк и Нани. Тоа што Бенитез дисциплинирано го имаше поставено во првото полувреме, во второ само по ради недисциплина, најмногу од аргентинците, успеа да дозволи развој на играта на Фергусон и резултатски развој во корист на домаќинот.

Баерн Минхен е драстично подисциплинирана екипа од Ливерпул. Средниот ред и убивањето на позициите кои ги споменав ќе биде многу потранспарентно. Манчестер Јунајтед, факт е дека има многу полоша игра од минатата година. Исто така е факт и дека најголем дел од играта ќе се базира (наредната среда) на експлозивноста на Руни, човек кој знае да направи теренска разлика во сопствена корист. Но, ако Фергусон не внесе некаква новина (што искрено е тешко, пред се поради менталното ниво на оваа комбинација на фудбалери кои не се карактеризираат со поливалентни особини што би можеле да прифатат лесно менување и ротирање на своите позиции) тогаш и со многу повеќе сигурност можам да претпоставам дека и мојот хипотетички став од минатиот текст ќе стане наскоро реалност.

А зошто Арсенал има повеќе шанси против Барселона ќе биде тема и во наредниот текст, продолжение на оној со кој започнав оваа серија. Ако сеуште не сте го прочитале првиот, Ви препорачувам во меѓувреме да го отворите и него, пред да го дочекате третиот дел од оваа тема - „Кој и зошто во Мадрид?„.

20.3.10

ФЕРГУСОН „СИ ЈА СКРШИ ГЛАВАТА„ ВО РИМ, НО ВЕНГЕР НЕ Е ФЕРГУСОН . . .

Првиот натпревар на „Емирејтс„ а вториот на „Камп Ноу„ можеби ќе биде една од предностите кои се на страната на европскиот шампион.


Но, овој натпревар е еден од најдобрите согласно фудбалската игра која треба да изнуди атрактивен, брз, разнолик и гледлив фудбал. Екипата која со години е прогласувана за најдобра во таа смисла, овојпат уште во оваа фаза налетува на Барселона. Каталонците тоа го покажаа минатата сезона, а дури и во последните натпревари, после малата криза која секоја сезона од крајот на декември до март е забележителна во таквите амплитуди на квалитет.

На моменти слична игра, дури и на неколку позиции со слично ниво на високо квалитетни, поливалентни фудбалери, тоа ќе биде фудбал кој најавува вистинско уживање. Факт е дека токму тие поливалентни фудбалери, а посебно фантазисти, ги има повеќе во Блауграна, но нималку лошо во таа насока не е ни кај Топџиите. Проблемот на разликите може да биде евентуално во искуството.

Многу важно прашање ќе биде дали повредените во Арсенал ќе имаат време да бидат во форма и да влезат во овој дуел. Не сите, но барем оние кои ги очекуваме, да се надеваме.

Втора работа е што во ваквите дуели, најголемо влијание има дозата на адреналин и дисциплина. Тука веројатно Арсенал ќе биде во мала предност, барем на првиот натпревар, бидејќи поголем предизвик да се игра против шампионскиот тим пред своја публика во оваа фаза, кога сеуште се тазе дури и емоциите полни со „париска одмазда„,нема.

Во исто време веќе сите знаеме дека Пеп мора да внесува уште новини, бидејќи играта на Барса „е одамна прочитана„, што за Венгер нема да биде тешко барем на хартија да го пронајде вистинскиот одговор.

Уште една од битните карактеристики за овој дуел е токму Венгер. Тој е човек кој е гладен за резултат, барем во оваа позиција после толку години. Има „болница„ во тимот и знае колку е лесно ранлив. Во овој миг, нималку не е толку своеглав како стариот Ферги кој не сакаше да ги послуша советите на сите медиуми во Англија пред финалето во Рим. Изигра „со глава низ ѕид„ и си ја „скрши главата„. Венгер сега и да сака, тоа нема да го може. Значи,Пеп ќе има потешкотија, од можноста да му се случи Челзи од минататасезона (иако да бидам реален, Арсенал скоро и никогаш да не ја игра таа игра).

Токму тоа е убавината на ваквите фудбалски дуели и ваквите фудбалски стратези-моментите на изненадување, како што Мурињо го збуни Анчелоти во Лондон.

Сигурен сум дека уште денес Венгер почнува со свои лични анализи в глава на тема „со што ќе може да го изненадам Пеп, а тоа да биде вистинско изненадување, неочекувано, барем во првиот натпревар?„.

Ако Барселона го изгра убаво првиот дуел, тогаш на „Камп Ноу„ приказната ќе биде само формалност. Арсенал нема да има никаква можност на еден од најубавите стадиони во светот, да се растрчува во лесна, мека и активна игра.

Ова е само првична моја претпоставка, која сигурно ќе биде надградувана со секое ново коло од националните првенства и секоја новина согласно индивидуалната форма и евентуалните повреди.


А за дуелот кој го сметам за еден од можностите за евентуалниот финален противник на Барселона (ако го помине Арсенал) е Баерн Минхен - Манчестер Јунајтед. Предноста што им ја давам на баварците ќе ја образложам во наредниот текст. Но, во секој случај е најповрзана со одличната игра која ја има Баерн Минхен, дури и кога губи наспроти робусната игра на Манчестер која понекогаш е на сила, моќна и со не многу убавина за да може да се делат епитети кои ги користам за натпревар со прекрасна привлечност за гледливост.

Интер, исто така ќе биде споменат и подоцна, но тоа веќе годинава е прочитана приказна, без оглед што Мурињо е еден од стратезите кои се наоѓаат на највисоката позиција „на табелата„ во која се вреднуваат интелигентните поставувања и движење на формациите. Сепак квалитетот со кој располага во случајов ќе биде хендикеп за престој во Мадрид.