31.3.08

АДИОС БАРСА, БРАВО РЕАЛ!

Минатата недела само претпоставив дека можеше ова да се случи.
Барса ја загуби втората позиција, а единствената опасност за Реал ќе биде тимот од Кастељон. (прашање е колку ќе издржат?)
Време е Лапорта да го активира одборот и своите скаути и сериозно да ја разгледа ситуацијата за следната година.

Апслолутно дека не се сметам за видовит, би бил премногу несериозен. Само поврзував логични причинско-последични чекори.


Дали сега сите кои веруваа во Барса,

можат да поверуваат

дека Реал ќе биде новиот шампион во Примера?


Хронолошки за мене тоа беше факт уште во февруари, па дури и тогаш кога се доближија на два бода.

Таа логика ја презентирав и на неколку наврати во емисијата, а и во некои од постовите кои ќе ги набројам, како потсетник:

петок, 22, февруари 2008 - ПЕТ БОДА, ВОЈНА...
... за кратко време се стопи големата предност, која и сега иако е само пет бода е сепак голема.

понеделник, 25, февруари 2008 - ФЕСТИВАЛОТ ЗАПОЧНА...
...ќе си дозволам само да откријам дел од моите претпоставки, дека Барса далеку ќе стигне во Лигата на Шампионите и евентуално во Купот на Кралот. А се сомневам дека ќе го издржи и третиот фронт....

среда, 5, март 2008 - ЗБОГУМ ПРИМЕРА... РЕАЛ ШАМПИОН!
понеделник, 10, март 2008 - ЗБОГУМ ПРИМЕРА... РЕАЛ ШАМПИОН! (втор дел)
...во претходните неколку текстови пишував и зошто Примера е загубена уште од февруари.

понеделник, 24, март 2008 - ДАЛИ Е ВОЗМОЖНО ИЗНЕНАДУВАЊЕ, НО ОД КАСТЕЉОН?

П.С.
„...иако со тешко срце ја прифаќам одличната игра на Реал наспроти катастрофалните потези на Рајкард, сепак тоа е добро за фудбалот. Пожртвуваноста и трудот кога ќе бидат наградени! ... Тоа што го играат неколку поединци на Реал (меѓу нив и Раул, кој да бидам искрен порано воопшто не го ценев како некој кој секогаш дава максимум) е за пример... Браво... иако и во Браса тоа е главно мото, повеќе од очигледно е дестимулирањето на оние кои беа синоним за „мравки„ поради чудните потези на Рајкард, кои многупати досега сме ги дискутирале, и кои упорно ги повторува. А човек кој не учи пред се на своите грешки, сигурно дека малку би било да кажеме дека е неинтелеигентен.... тој е глуп!... за жал, тоа е животното искуство (правило) кај сите од нас...„

24.3.08

ДАЛИ Е ВОЗМОЖНО ИЗНЕНАДУВАЊЕ, НО ОД КАСТЕЉОН?

Заврши една прекрасна фудбалска недела која ми ја преполни душата со фудбал...Хилдебранд, Аризменди, Атлетико Мадрид, Манчестер, Макси, Дрогба се оние кои ги споменувам пост фестум... Англиското првенство и на моите два ТВ-а беше главна тема... А во саботата, поради емисијата во живо, италијанците ги следев само од второто полувреме... како и да е, убава мартовска недела, најубава сезонава...
Ја следев и Барселона на Камп Ноу, со што дополнително ми се потврди дека тимот има и квалитет и можност за успех, но лошо менаџирање и лош селектор, да не речам тренер... Меси го чекаме сите, а Дињо е прашалник кој допрва ќе создава полемики...


Но без разлика на темава која сигурно ќе ја продолжам во некое следно пишување, во неделата вечер јас бев исклучително шокиран!

Она кое повторно го привлече моето најголемото внимание
беше во 19 часот.


И за мене, да бидам искрен, тоа беше шок.
Не толку од поразот на Реал, туку од отварање на сосем друга страница во завршницата на Примера.
Виљареал ја замени позицијата со Барселона!
Сега таа е на 6 бода разлика од мадриљеноси.
Барса само на четири.
И токму тука си го поставив прашањето?
Дали е возможно изненадување?
По долго мое потенцирање дека Реал Мадрид скоро сигурно ќе ја освои титулата, цело време на ум ми беше единствениот конкурент - Барселона.
Одеднаш сега од втор план излегува Виљареал.
Дали е возможно во наредните три-четири кола да ја премине Барса и силно да му се закани на шампионот?
Како сега, Барса со разлика од 4 бодови, да биде подалеку отколку Виљареал со 6?
Многу едноставно, погледнете го распоредот во Кастељон и во гости - кажува се...
Голема веројатност за закана, која што има шанси и да се оствари...

А Барса не се доближи на 4 поради Рајкард, туку исклучиво заради големото срце кое го имаат неколкумина, кои гризат во секој натпревар... но тоа големо срце на неколкумина, може да биде пресудно само во дуел со помалите, а тешко во дербијата, каде сепак квалитетот е пред се, од тренерот па до голманот... Тоа веќе сите добро го гледаме... И сигурно дека уште отсега ќе се размислува на Шалке, а подоцна и на следниот противник, се надевам Манчестер Јунајтед (иако Рома воопшто не е за потценување, а дури може и да изненади оваа сезона)....

Токму од тие причини, сметам дека ако некој може да му се закани на Реал оваа сезона, пред се ќе биде Виљареал.

А моите желби за титула со Барселона, се надевам дека ќе се остварат на 21 мај.

22.3.08

БАРСА ЗАСЛУЖУВА И ПОГОЛЕМА КАЗНА (!?)

Многу ми беше тешко да го напишам овој наслов, но тоа ми беше единственото чувство кое, за жал, го имав по натпреварот од Купот.
Се паѓа во вода.
Навивачите се нервозни.
Сосиото на клубот е се повеќе и со јавни изливи на незадоволство.

А тоа и може да се очекува кога:

- Анри ќе го видите дека симулира прекршок...дури и за Ето некогаш тоа беше незамисливо, а сега очигледно може да биде само „израз на немоќ„.

- Бојан комплетно без авторитет кај судиите, а тој не се добива или наследува, тој се гради...

- Силвињо, стандардно потпросечен, којзнае дали го заслужува воопшто и дресот.

- Гудјонсен исто така не е за овој клуб. Него можеби иднината му е во Еребро, Брондби, Розенборг или некој сличен...

- Пујол се повеќе се губи со новата улога. Заборава дека треба да е последен човек.

- Едмилсон е само име кое звучи бразилски и моќно... а се друго е како народната „се тресе гората, се роди глувче„.

- Ѕамброта е за Милан или Јуве, типична фудбалска декаденција...не за Барса.

- Чави, Иниеста, Милито воопшто не можат сами се. Меси го нема. Дињо е казнет од Рајкард и Чики... а којзнае и дали ќе се врати...барем додека е Рајкард на клупа... и кога ќе заигра, како ли ќе биде?

За првпат од осумдесетите години наваму почувствував „страв„ да не изедначат против Валенсија. Не дека сакав да загубат, (Барса ми е во срцето од истата година кога ја платив првата навивачка членарина за Хајдук од Сплит, 1983), туку ќе ми беше жал да ја елиминираат Валенсија со таква индиспонираност, лежерност и едноставно без жар и желба. А Валенсија, да бидам искрен воопшто и не ми се допаѓа, ниту пак некогаш сум навивал за неа, но објективноста ми била секогаш прв принцип.

А Барселона не заслужи финале!




Страшно ќе биде и во недела против Ваљадолид.
Иниеста нема да игра. Милито исто така. Дињо е под казна и во вербален конфликт со Рајкард, иако на ПРЕСС сеуште се воздржуваат сите од јавно потврдување. Факт е дека порано и него прво му беше фудбалот па се останато, а сега прво му е се околу фудбалот, па се останато....

Се плашам дека тешко ќе биде и во недела на Камп Ноу.

А токму тоа го пишував одамна... разврската од тие три кола... и еве ги стигнаа... в недела „мојот ст(р)ав„ на оваа тема би требало да заврши или можеби допрва ќе почне?

Многу одамна, вака се чувствував кога го гледав Марадона, во Бока, во Наполи, во Барса, во репрезентацијата... „се крстев„ во него, и се тресев кога неиграше или беше повреден... сега како да доживувам „дежа ви„... но со Меси !


П.С.

„ Лацио на Олимпико и Пандев беа само најава дека оваа цела недела е една од најфудбалските оваа сезона... нестрплив сум и за единствените натпревари кои го привлекуваат мојот интерес од Англија... ми изгледа како дел од сон, во една единствена недела најголемите и најубавите фудбалски натпревари во Европа... совршена недела...„

17.3.08

РАЈКАРД ЗАГУБИ ПРОТИВ АЛМЕРИЈА !

Веќе е излишно да се анализираат трансформациите кои ги прави Рајкард. Не знам веќе по кој пат би споменал дека на Рајкард и повеќе од очигледно му треба нова средина во која ќе експериментира. Затоа што експериментите во Барселона не само што не му одат од рака, туку прават и голема штета.
Јас воопшто не бев видовит кога уште пред скоро два месеци изјавив дека Реал ќе биде шампион. Не дека се подобри, што и се гледа, туку Барса го има единствениот проблем - Рајкард. А сега со отсусутвото на Меси се е дополнително потешко.
Психолошкиот проблем во моментот е најнепремостливата препрека во екипата на Барселона. Кризата уште повеќе се продлабочува кога не се користат киксовите на противникот. Наместо да бидат 5 поени, тие се 7.
За да не се повторувам, само накратко: (неколку прашања, кои за жал некои од нив не му беа поставени после натпреварот ... и мене нема да ми бидат одговорени, ама едноставно нека бидат тема за наша комуникација и анализа)



1. Зошто Едмилсон беше ставен меѓу првите 11-мина, кога со денови наназад ја гледа дури и на тренинзите неговата екстремно слаба форма?

2. Гудјонсен во првото полувреме го форсираше да ја пренесува топката од лево кон средина со втрчување како игла во шпицот? Зошто не го смени, кога забележа дека тој ја нема таа техника, или барем не му даде поддршка со Анри, многу порано?

3. Иниеста повторно, овојпат на трета позиција во последните пет натпревари. Упорно форсира „секој - секаде„ иако гледа дека тоа не може да се игра во секое време, против секоја екипа и со секој фудбалер.

4. Таа негова тврдоглавост (мислам на Рајкард) се забележа и во слабата игра на Пујол.

5. Диего Милито воопшто не беше лош, но дупката од Едмилсон, излетите во празно на Пујол, па дури и на Турам, „ја покри„ со два жолти , односно црвен.

6. Барселона, наликуваше како онаа пред 3 години, кога немаше одбрана!
Но за разлика од тогаш, го имаше Роналдињо. А сега го нема ниту Меси, а ниту Анри.

7. Ето беше отсечен феноменално. И пак повторно дупката од Едмилсон.

Штета, ова беше момент за убав подвиг, за уште поинтересна Примера. Иако и да беше победа, јас повторно ќе останев на истиот став за можноста за освојување на титулата....

10.3.08

ЗБОГУМ ПРИМЕРА... РЕАЛ ШАМПИОН! (втор дел)

Ова е само продолжување на сагата за новата шампионска титула во Примера. Барселона не прикажала скоро никогаш полоша игра.
Во претходните неколку текстови пишував и зошто Примера е загубена уште од февруари.
Рајкард очигледно е доведен во ситуација да избира.
И очигледно ја избра Лигата на Шампионите.
Многу е веројатно дека „ќе го даде„ и Купот на Кралот.
Проблемите допрва ќе доаѓаат со пристигнувањето и на крајот.
Деко си заминува, Кркиќ ги добива првите понуди од Англија.
Ѕамброта, Џовани, Гудјонсен и можеби наскоро уште некое сигурно име ќе излезе на површина. Доаѓа Лампард, а ако не се промени насоката на Берлускони, веројатно и Мурињо со Дрогба...
Ова колку и да се само шпекулации (а, не се) прават дополнителен притисок и врз екипата и врз Рајкард.
Во Мадрид воопшто не е порозова ситуацијата. И таму ги има сличните проблеми, но сепак резултатот убаво „ги турка проблемите под чергичка„. Но во јули сигурно дека Калдерон ќе ја тргне чергичката, па ќе видиме дали тоа ќе заврши со мало „зачистување„ или со комплетна „генералка„.




Значи, само едно е јасно:

Реал е новиот шампион,
Леванте е сигурен за втората лига,
иако можеби ќе направи уште неколку шока,
на кој сепак мислам дека ќе му се придружи и Рекреативо од Уелва и Мурсија.
Така што југот на Шпанија би изгубил 3 екипи во една сезона.
Би добил една сигурно, Малага е на добар пат за враќање во Примера.
Нумансија е скоро сигурна (таа е од Кастиља и Леон, што би се рекло северо-источно), а за третиот ќе мора да се причека.

Како и да е станува уште поинтересно.


П.С.
„ Одамна ги зборувам наредните 2-3 кола како пресудни за Лигата...конечно сите сме сведоци дека токму така и испадна. А тоа нема никаква врска со астрологија или хороскопи, едноставно хорнологија на настаните во комбинација со психологија и расположението во екипите... секогаш се се гледа, само треба правилно да се прочита...претпоставувам дека сум во право...„

5.3.08

ЗБОГУМ ПРИМЕРА... РЕАЛ ШАМПИОН!

Најважниот елемент во поврзаните алки од играта на Рајкард, пукна!

Поточно, задниот бутен мускул.

Лео Меси ја обнови старата повреда!

ПЕТ - ШЕСТ НЕДЕЛИ МИРУВАЊЕ И 4 НЕДЕЛИ РЕХАБИЛИТАЦИЈА!



Ова му е четврто слично „обновување„ на повредата.
Првиот пат, на 8 март 2006, кога Барса играше против Челзи.
Отсуствуваше 79 дена.
Втората повреда, со помала штета беше на 3 ноември лани.
Третата на 5 декември, кога поради тоа отсуствуваше и од Ел Класико.
И сега по четврти пат.
Ќе отсуствува веројатно околу 2 месеци со рехабилитација под „специфична медицинска програма„ , овојпат!

Меси, како никогаш досега со солзи и липање го напушти теренот, не толку поради болката, туку поради „малерот„. Токму сега кога на некој начин се врати во најубаво светло, после повредата. А ова може да значи само едно. Збогување со трката за шампионската титула во Примера.

Рајкард, веќе ќе мора да одбере приоритети, а тоа веројатно ќе биде она кое има помалку натпревари, со поголеми паузи. Веќе може да се очекува дека тоа сигурно ќе бидат Купот на Кралот и Лигата на Шампионите.


Забелешка:
Карлес Пујол, со многу лутина се сврте кон медиумите, кои ги обвини поради новата повреда: „Преголем притисок од Вас (медиумите) иако не беше целосно санирана последната повреда. Потпадна под него Рајкард, потпаднавме ние и Лео, дека мора да игра на секој натпревар....„

4.3.08

НЕПРИРОДНИ ПОЗИЦИИ ЗА ПРИРОДНИ ПОРАЗИ!

Излишен е секаков коментар на тема: Минато коло!
Јасно е како ден... а плус тоа воопшто и не сакам да се повторувам.
Од тие причини ги земав пред себе последните четири натпревари каде се објавени комплетните состави на Барса.
Против Селтик, против Леванте, Валенсија и последниот против Атлетико.
Воедно ги прелистувам шпанските медиуми, посебно каталонските, кои на насловите ги имаат ставовите со кои се критикува Рајкард, некаде судиите (како што пишува Дарко на
www.100sport.blog.com.mk ). Исто и овде. Сите ги коментираат ротациите во последните 4-5 натпревари, а скоро никој да не ги коментира и менувањето на позициите на дел од екипата.
Од Ериксон наваму (во времето кога со Лaцио беше главна ѕверка во Италија) ротациите станаа задолжителни.
Но дали Рајкaрд тоа го прави „туку-така„ или форсира нешто на сила?
Сигурно дека има логика во неговите ротирања, но зошто и позициите?
На ова прашање којзнае дали ќе добијам одговор, сем дека „секој треба да може да игра се„. Модерниот фудбал, точно дека во некој аспект и го наметнува тоа, но сепак станува збор за луѓе, а не машини, нели?
Но, да се вратам на темата.
Еве го ставам и пред вас она што во моментов го гледам.


Прво ќе ја погледам задната линија.
Против Селтик, Барса победи.

Назад играа: Пујол, Маркез, Милито и Абидал.

Против Леванте имаше висока победа, 5:1.

Абидал го менува со Силвињо, Пујол по на средина а десно Ѕамброта.

И со Валенсија 1:1 и пораз од Атлетико со:
Ѕамброта, Пујол, Милито и Абидал.
Значи последните две ги игра со иста линија.


Средина:

Иниеста, Туре и Деко (кој го смени со Чави) против Селтик.

Деко не го става ни на клупа против Леванте,

а двата последни најлоши резултати со:

Чави, Туре, Деко и

Чави, Едмилсон (Гуди), Иниеста.

И нападот:

Меси, Анри, Дињо (Ето`) против Селтик.

Меси (Џовани), Ето` и Дињо (Бојан) против Леванте.

Меси, Ето`, Анри (Бојан) и

Ето`, Дињо, Анри

во двата последни натпревари.

РЕЗИМЕ.

Едмислон од нигде-никаде директно на најтешкиот натпревар.
Го смени со Гуди кој беше катастрофален.

Меси кој пак во трите беше топ, не го става на најважниот (се консултирал со здравство на Барса... тешко дека може да му се верува, зашто тоа не го кажа во сабота, туку после поразот).

Ето против Атлетико не играше на својата позиција.
Катастрофално, Рајкард така да експериментира.
Не е Атлетико, Нумансија па да си прави такви експерименти.

Претпоставувам, од сите досегашни натпревари откога е во Барса, Анри требаше да ја држи средината на нападот како против Селтик, а не на позицијата во која пред само три дена претходно, се угуши со Чави.
(Чави има движења од десно кон лево средина. А Анри од лево кон десно)
Со повлекувањето на Анри поназад, ете го судирот.
Меси влегува на позиција на Анри и го нема.
Нормално бидејќи природната негова линија е десно, со влез во лево и по средина, а не обратно.
Слично е и со рокадите на Иниеста.

Мене уште не ми се верува дека Рајкард си игра играчки со природните позиции на најбитните фудбалери. А згора на се и ротациите којзнае дали се добри во момент на влегување во ритам, каков беше Меси, Туре, Ето...(за тоа има многу коментари во Шпанија против Рајкард, иако сметам дека ротациите како момент на одмор дека се исправни. Од таа причина и Ериксон, сметам дека беше еден од најуспешните тренери на Лацио, токму поради таа револуција која ја внесе тогаш)

Може и јас да претерувам, ама кога ќе ги гледате post festum анализите на составите, веќе се е јасно. А којзнае која е позадината на сето ова? Можеби Рајкард сеуште смета дека ќе направи револуција со ваквите изместувања, па од нив (фудбалерите) ќе направи нешто поексплозивно? Можеби, ама сега-засега не изгледа така...

П.С. (за сите оние кои ја сакаат Аргентина)

„ Сепак играта на Агуеро и Макси ме правеше среќен само поради еден факт. Агуеро, Меси, Макси, Рикелме ќе бидат главната ударна игла на Олимпијадата во Август. Аргентина мора да го одбрани златото...„

29.2.08

СИЛАТА НА УДАРОТ НЕ ЗНАЧИ И УСПЕШЕН УДАР

Последните натпревари во средата ја отвараат завршницата во најубав крај.
Барселона, за првпат ја гледав во ваква формација од првите минути. Да бидам искрен, иако читав дури еден ден претходно дека Рајкард ќе стартува против Валенсија со Анри, Меси и Ето` а веднаш зад нив Деко и Чави, исклучувајќи го Иниеста, малку бев скептик дека тоа се само шпекулации. Очекував дека на неколку часа (како што многупати тоа го прави) Рајкард ќе ја објави вистинската формација... Но, не се случи. Бев исклучително нестрплив до 22 часот. Го следев атрактивниот и незивесен дуел Интер - Рома, а со умот бев на Камп Ноу. Претпоставував дека тоа ќе биде дуел на мачка и глушец, во кој Барса требаше (според моите претпоставки) да ја распара мрежата на Хилдебранд.
Нестрпливоста ми стана уште поголема, откога ме задоволи и резултатот на Лацио, нови три бода за опстанок...
Старт на Камп Ноу...


Експеримент Рајкард: „ГУШЕЊЕ НА СРЕДНИОТ РЕД„!


...Натпреварот заврши.1:1.
Јас сеуште не верував, што гледав.
Неколку факти долго во ноќта ми одбројуваа.
Валенсија, првпат конкретно се закани во 67-та минута и постигна гол.
Имаше само два шута кон Валдес, наспроти 28-те на Барселона.
Тимо беше фантастичен.
Барса изведе 13 корнери, а Лос Че ниту еден!
Да не беше „рачето„ на Ето`, можеби немаше да има ни изедначување.
Страшно!
Анри, неколкупати се судри со Чави, и тоа во препознатлива акција од нападот. Воедно беше и еден од најслабите.
Двапати дури и камерите го забележаа тоа.
Деко беше вон ритам, или доцна или го немаше.
Абидал со неколку добри излети направи прогрес во играта.
Меси и Ето повторно меѓу најдобрите, но како средината да се гушеше самата со себе.
Милито фризиран во улогата.
Пујол повеќе повлечен, како што играше пред години. Во секој случај регресивно.
Влезе Иниеста.
Доцна.
Бојан, личеше на: CTRL+C Меси CTRL+V.
Бледо.
Валдес, двапати имаше работа, еднаш погреши. 50%. Многу слабо.
А резултатот очаен.
Очекував дека ова ќе биде газење.
Каталонците, едвај спасија глава.
А Валенсија никаде ја немаше, не спои ниеднаш повеќе од три додавања, а беше на чекор од победата.
Експериментот не успеа.
Ѓаволот ја однесе шегата.
Среќа што ова се случи во најслабото натпреварување и среќа што за ова не летаат глави. Атлетико со ваков среден ред и напад, тешко ќе се совлада дури и ранет, каков е сега. Да не зборам дека овој експеримент, скапо би го чинел дури и во борбата против Реал и во Лигата на Шампионите.
Но факт е едно. Фудбалерите нималку не се криви. Го дадоа повторно максимумот. Да се надевам дека Рајкард научи нова лекција, на која бевме сведоци и ние со него... за првпат... и дај Боже, последен.




П.С.

„ Во Валенсија сигурно дека најпозитивното беше промовирањето на Хилдебранд во прв голман уште долго време. Кањизарес, готов е за пензија или за друг клуб... А зошто не ја искористија приликата па да го наполнеа Валдес? Неможеше да се пробие средината... толку беа измешани лончињата што се гушеше дури и нападот на Валенсија, кој беше вовлечен во експериментот на Рајкард... а како ли ќе беше ако на местото на Куман беше Мурињо кој „бодеше„ со долги топки прескокнувајќи од линија во игла или пак Анчелоти, кој може така да ја дозадуши (умртви) противничката средина, ослободувајќи простор за прелет кон шпицот кој пак дреме на линија офсајд...којзнае....„

26.2.08

ФЕСТИВАЛОТ ЗАПОЧНА...

Барселона е голема дури и кога е во подредена положба, во каква беше од декември па наваму. Минус два, тоа е последниот одговор на прашањето за шампионската титула во Примера.
На Камп Ноу имаше фестивал на голови. Меси брилјантен, Ето` и повеќе од прецизен. Бојан чекаше минута, експлодираше за секунда. Се на се, фасцинантно. Иако можеби некој ќе рече, противникот е дното во Лигата, а во моментов и во финансиско-организаторска криза.
Но без оглед на тоа, оваа победа доаѓа во вистински момент, за стимул, кој е неопходен во наредните 10 дена кои следуваат.
Копа дел Реи, Првенство, Лига на Шампиони.
(не случајно и репрезентациите во последните тренинг натпреври пред СП или ЕП, бирааат послаби репрезентации, поради кревање морал)


Реал поради „детски болести„ загуби три бода





Шокантен пораз, кој не смееја да си го дозволат. Посебно не поради „детска играрија„. Ова е уште еден доказ дека судиското свирче е последно. Ја знаете онаа: „двајца се караат, третиот користи„. А во случајов третиот беше Барса. Ова воопшто не е преседан во фудбалот, вакви примери има многу, почнувајки од пред 20-тина , а можеби и повеќе, откога јас се сеќавам. Ни случајно, не смееше да се дозволи такво невнимание, без да се забележи судиската одлука. Уште помалку да се влегува во кавга со линискиот судија... а по примениот гол, веќе не беше ништо исто. Можеби и Реал ќе победеше да не го примеше тој еден единствен контроверзен (но сепак чист) гол.

Петката стана двојка

Минатата недела реков дека петте бода предност се недостижни.
Се е во рацете на Шустер и фудбалерите.
Очигледно е дека се достижни.
Петте бода беа големи како риба, која им се лизга од раце.

Веројатно анализата на неделниот натпревар нема многу да помогне, но сигурно ќе биде од големо олеснување одморот кој ќе биде исполнет со редовни тренинзи, додека конкуренцијата ќе има исклучително тежок натпревар, во Купот на Кралот.
Фестивалот започнува во среда, и тоа на три фронта. В сабота Барса гостува на Атлетико Мадрид. Агуире е пред отказ, Атлетико е во криза, во најнезгоден момент, за Реал Мадрид. Токму така. Кој да очекуваше дека токму сега ќе опадне моралот на комшискиот тим, ќе испаднат како фаворити од Купот на Уефа, ќе бидат поразени од аутсајдерите во Лигата и на крај ќе им бега се полесно и полесно и местото во Европа, наредната сезона. Само да напоменам дека притисокот од пањоладата ќе биде дополнителен пред саботното дерби. Искрено, малку верувам дека пред вака важно и големо дерби, ќе гледаме пањолада, но сепак не е исклучено.
Реал оди на Рекре, кој е само два бода од испаѓање, во која група се и Бетис, Сарагоса, Билбао (кој никогаш досега во историјата не испаднал, па веројатно нема ни сега), Осасуна, Мајорка, Ваљадолид и Хетафе. Само два натпревари во кои би кикснале и било кој од овие тимови ќе биде наредната сезона во Б-лигата. Тоа значи, дека ако Бетис гризеше, Хетафе исто, што ли останува на Рекре во Уелва. А згора на се, на Реал (како на шампион) најтешко му е да игра против аутсајдери. Тие тогаш ги остават последните атоми сила на терен, сепак тоа им е предизвик за кој се подготвуваат со посебни тренинзи. А тоа знаете што значи, посебно во ваква резултатска криза...

Рајкард?

Сите оние кои довчера беа главни критичари и поборници за негова смена, денес дипломатски и скоро преќутно со пофалби за новосоздадената ситуација. А најгласен меѓу оние кои го подржуваат, утринава изезе Стоичков, кој не бираше зборови за да го пофали Рајкард како исклучително умешен и голем тренер. Пофалница каква не сте слушнале... (!?)



Јас сеуште стојам на ставот дека играта и можниот резултатски пресврт дека се должи исклучиво на ентузијазмот на екипата, која е многу повеќе од една обична фудбалска екипа. Тоа е пред се друштво, кој (согласно годините) заедно играат „Плејка„, заедно се на ручек, на плажа, во „Буда Бар„ во петок навечер, и во „Ла Карета„ на бифтек... Барселона е повеќе од клуб, ама тимот е повеќе од екипа.
Има една латинска поговорка „Dum spiro spero„ (додека дишам се надевам) што претпоставувам отсега па до крај ќе важи комплетно за сите навивачи на сино-црвените.

ДОПОЛНИТЕЛНА ТРЕВОГА !

Моите претпоставките остануваат.
Пресудни ќе бидат 27,28 и 29-то коло.
Сеуште е рано за било каков можен епилог.
А потоа ќе може да се откријат картите.
Барса ќе ги знае своите цели во Европа и во Купот на Кралот.
Реал исто така, за разлика од Барса, порастеретено ќе минува повеќе слободни денови од каталонците.
Ќе си дозволам само да откријам дел од моите претпоставки, дека Барса далеку ќе стигне во Лигата на Шампионите и евентуално во Купот на Кралот. А се сомневам дека ќе го издржи и третиот фронт.
Но и во ова има една друга страна, за која ниту јас ниту било кој може да знаеме како ќе се развива... наближува ЕП, а европејците „со едната резенка од умот„ ќе префрлаат топки во Австрија и Швајцарија. Тоа е токму периодот на завршницата. Уште и ако има некоја ваква слична разлика, тогаш се е можно. А само да потсетам, критичните точки на Реал, се фудбалери кои ќе настапуваат на ЕП, а критичните точки на Барса се фудбалери кои не се под овој притисок.

П.С.

„... се ќе биде уште позаплеткано ако на 14 март во Нион во 12.00 часот во еден од следните натпревари бидат извлечени Барселона и Реал Мадрид како меѓусебен дуел... (предуслов, Селтик и Рома да бидат минато) ... а тоа чувство ми е се посилно и посилно, (базирано на ништо друго сем интуиција) која годинава ќе ја направи уште поголема... спектакл на сите можни полиња...„

25.2.08

ИСКРЕНО ЗБУНЕТ, НО И СО СТИМУЛ ПОВЕЌЕ...


Не случајно вака го започнав овој пост, малку повеќе личен, малку помалку спортски и многу повеќе збунувачки, барем за мене. За првпат во мојата професионална кариера, можам да бидам учесник на коментирање за нешто што го работам, посветен со цело срце и душа. Токму на страната на еден од моите блог пријатели (Дарко Василевски - автор на блогот, кој да бидам искрен сеуште не го познавам лично), а коментарите внесени на страницата се од луѓето, кои исто така ги запознав преку оваа интернет алатка, и пред се преку телевизиската професионална работа. Отсекогаш директно сум учествувал со сите мои ставови на секој блог, кој ми предизвикува некаков интерес, без оглед дали ме повлекол позитивно или негативно... секогаш тоа сум го разбирал само како еден чекор кон прогресивен и евентуален нов став... но, овојпат сеуште сум во фаза на размислување откога (денес, недела) забележав пост токму на темата „ТОПКИ„. Нормално дека пред се ми е чест, кога гледам (читам) дека некој го валоризира мојот труд... многупати критиките ги прифаќам, бидејќи и јас отпосле забележувам дека е навистина така, нели не е срамота да се згреши, ако подоцна се има тенденцијата грешката да не се повтори... Но, овојпат навистина останав без одговор... Како и во моментов...Бидејќи работам исклучиво за единствена насочена цел, гледачите (а тоа сте токму вие), без оглед на се што се случува наоколу, ми дадовте уште поголем стимул и уште поголема желба, не само да соработувам со сите Вас (вљубени во фудбалот, како и јас) туку во иднина да размислам за уште поголема и појавна комуникација (во телевизиска форма) со Вас и Вашите ставови... верувам дека само така ќе излезе на површина квалитетот на спортските анализи, ставови, размислувања и коментари во оваа блоговска македонска сфера... повеќе од очигледно е дека токму тука се наоѓа квалитетот кој недостасува во голем дел од спортските редакции на телевизиите во Македонија...

23.2.08

ПЕТ БОДА, ВОЈНА...

Минатиот викенд дополнително ја разгоре војната која очигледно ќе се води до самиот крај меѓу двата најголеми клуба во Шпанија и конкуренти за титулата.
„Една рака за три бода„, беа најчестите наслови во неделните дневни весници. Со досудениот пенал кој на големо се анализираше во Шпанија, Барселона се доближи на само пет бода до титулата. Но тоа и не е толку пресудно во моментов, колку е важно дека и формата на дел од фудбалерите во тимот се враќа. За разлика од нив, во мадридскиот табор се заредија неколку ситни повреди, мала недисциплина и неиграње поради акумулирани жолти картони... за кратко време се стопи големата предност, која и сега иако е само пет бода е сепак голема.

ЗОШТО „ГОЛЕМА„
И ПОКРАЈ ДВАТА
ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ ПОРАЗИ НА МАДРИЉЕНОСИ?

Едниот пораз од Бетис, е директно влијателен. Другиот е повеќе психолошки. Иако „кралевите„ покажаа поконкретна игра, сигурно дека ќе имаат значење во наредните натпревари.
Утре белите ќе играат против Хетафе, а Барселона ќе ги дочека гостите од источниот дел на Валенсија. Фудбалерите на Леванте минатата недела штрајкуваа и благодарение на оставката на претседателот и продавање на неговите акции во корист на Валенсијанската Власт, го изиграа натпреварот.
Утревечер гостуваат на Камп Ноу.
И двата натпревари, утревечер, се очекува да ја остават разликата и по ова коло на петте бода предност.

Но веќе од наредната недела Барселона ја очекува пекол, ако сака да опстане или да намали од овие пет бода. Прво гостува во Мадрид на Атлетико, па на Камп Ноу против Виљареал, кој сигурно дека ќе гризе бидејќи секој бод за „жолтата подморница„ е важен за излез меѓу елитата во Европа. Потоа гостува на најголемото изненадување во вториот дел - Алмерија, која игра со посебен ентузијазам против големите и го дочекува Ваљадолид на кој му гори под нозе втората лига (поради лошиот распоред). И само да додадам дека во меѓувреме е натпреварот против Валенсија веќе в среда и наредниот вторник против Селтик. Првиот во Купот на Кралот, а вториот во Лигата на Шампионите. За тоа време Реал го чека Рекре и гостува на Еспањол, па гостува на Депор, а ја чека дома Валенсија. Потешките дуели ги дочекува дома, и плус наредната среда фудбалерите на Реал, ќе имаат редовни тренинзи, што би се рекло „ќе одмараат„ за разлика од каталонскиот конкурент кој има важен натпревар (против Валенсија, прв натпревар). Иако пет бода се малку, во ваков распоред истите се скоро недостижни. На некој начин, се е во рацете на Шустер и екипата.
Борбата која се разгоре со „раката која им донесе три бода„, може само да го направи ова првенство атрактивно и спектакуларно до самиот крај, крај кој е повеќе наклонет кон кралевите од Мадрид.

16.2.08

ИЗВЕСТУВАЊЕ !

Не сакам да ја злоупотребувам мојата блог страна, но бидејќи сметам дека Вие сте оние со кој најчесто со задоволство комуницирам, а оваа информација е штотуку проследена, едно кратко известување: ЕМИСИЈАТА ТОПКИ, НА СИТЕЛ, ЌЕ СЕ ЕМИТУВА СО ПОЧЕТОК ВО 15.30 ЧАСОТ.

Ви благодарам за разбирањето,
оваа порака ќе биде наскоро и избришана...

КОЈ Е ПРИОРИТЕТОТ ЗА РЕАЛ, А КОЈ ЗА БАРСА, ЌЕ ЗНАЕМЕ НАСКОРО...

Во големо очекување ќе ми бидат следните натпревари викендов, посебно во борбата меѓу Реал Маддрид и Барселона. Овие натпревари, едниот во Севиља, а другиот во Сарагоса, ќе извадат на површина неколку работи.
Кој колку сили има за да го распредели: мотивот, ентузијазмот и физичката подготвеност за наредните натпревари, кои на некој начин се пресудни за финализирање на сезоната.
Сепак, да не се залажуваме дали се едните или другите подобри. Се работи за две екипи кои имаат врвно и професионално ниво на работа, исклучително квалитетен кадар и фудбалски мајстори кои со еден потег можат да решат натпревар.
Реал и Барселона, на некој начин секогаш ќе бидат тема „кој е подобар?„ како на пример, BMW или Mercedes, Nike или Adidas, Sony или X-Box, Levi`s или Diesel, Google или Yahoo, McDonald`s или Burger King итн.
Сите ќе се согласиме дека меѓу Реал и Барса одлучуваат нијанси. Овојпат таа нијанса е селекторската комбинација, формација и начинот на кој ќе се распределат снагите. Во ваков ритам најчести се „неочекуваните„ повреди, бидејќи од утре веќе ритамот на натпревари се зголемува. Сабота, недела, па Лига на Шампиони, па пак коло од националната лига, па Куп, па пак национални натпревари, па реванши од Лигата на Шампиони и така се до крајот.
Напнато и со згуснат распоред.
Со оглед на тоа што Шустер во моментов покажува поголема стабилност, а Рајкард сеуште балансира меѓу публиката и своите убедувања, не е тешко да се претпостави дека Реал сигурно оди кон нова титула. Но, колку ќе влијае натпреварот во Рим, колку сега ќе ги опушти Раул и Касиљас со „доживотните„ договори со клубот, колку сето тоа ќе влијае и на Шустеровата иднина во Мадрид со новиот договор?
Од друга страна, Рајкард на врат ги носи и паралелните споредби со евентуалниот нов тренер (за кој пишував во претходниот пост). Синоќа повторно изјави со стимул за Роналдињо, Ето е повреден, Дрогба се наметнува, Лампард прави нов распоред за наредната сезона, Деко најави заминување а во моментов му е неопходен...
Токму од тие причини натпреварите против Бетис, односно Сарагоса, воопшто не се за потценување. Напротив, искрено очекувам голем заплет посебно во Севиља. Не поради друго, туку само поради тоа што Бетис почна да гризе, а Рома е еден од најнезгодните тимови годинава.
Во понеделник многу работи ќе бидат појасни, но во среда вечер во голема мерка дури и кристално јасни... барем што се однесува до тоа на кого кои натпреварувања му се приоритет?