Денес нема да правам препис на нештата кои од септември минатата година, па до последниот ден во април годинава го пишував, а се однесуваше на промената на техничкиот дел на тренинзите со кој Чоло ја започна сезонава (со внесувањето на „полигоните“ секојдневно, што не е случај за ниту една екипа во Шпанија, па ни за Реал , ниту за Барса), ниту за вадењето на теговите во функционалност на аеробните вежби, што не е случај повторно со ниту еден од другите клубови во Шпанија. Комплетниот тренажен процес, онолку колку јас можев да го „шпионирам“ го пренесував во целост и низ фотографиите и низ текст. Ќе го прескокнам дури и прилогот кој го презентирав со пилулите кои Годин, Диего Коста, Миранда, Арда Туран ги добиваа во средината од второто полувреме, да не речам за време на игра. Нешто што сеуште никој не го прави, освежувајќи го организмот со дозволено средство за зголемена сила и аеробна моќ (нешто многу поразлично од некогашната „мода“ со фластерчињата за нос кои требаше „лепенките“ да ги отвараат ноздрите за поголем проток на воздух, кои подоцна се испоставија како неважни). За употребата на „ГуглГласАналитикс“ очилата со кој Чоло ги добиваше информациите од својот прв помошник за време на натпреварот против Барса, детално објаснив, а и тоа е само една капка во морето од новите стратегии, само на Атлетико од Мадрид.Диего Пабло Симеоне „Чоло“, направи многу повеќе од само овој концепт на активности кои ги вметна во секојдневието на секој „душекџија“. Не го промени својот менталитет бидејќи сега е тренер и менаџер, напротив, само ги дополни коцките кои недостатсува додека беше фудбалер, уште од времето на Атлети, уште од периодот кога со Лацио ги освои четирите титули, па дури и претходно од времето на Интер каде судиите имаа постојано проблем со неговиот карактер. Ги дополни со уште посилно гориво на „дозволена“ грубост за да биде физички најподготвената екипа во Европа, како што напишав во еден текст од октомври минатата година, кога потенцирав неколку елементи „зошто ќе биде фаворит во Европа и дома“. Ако Германците ги познаваме како фудбалери кои играат во силно темпо 95 минути, тоа за Чоло и неговата екипа е тајминг од 115 минути (а вечерва тоа го виде и Моу од противникот кој беше подготвен да изигра и реванш уште еднаш по третпат 90 минути на Стемфорд, барем што се однесува до свежината).
Чоло ја доби најголемата работа која секој тренер би сакал да ја има во својата екипа - дисциплинирано спроведување на замислата во техничко-тактичката поставеност на натпреварот, во секој квартал од играта па дури и во неочекуваните ситуации кои многупати го менуваат темпото на движење на замислената стратегија. Тоа кај големите екипи е многу тешко да се добие од сите 11 фудбалери. Посебно е незамисливо кога во тимот имате екстра ѕвезди со понекогаш „голема нетрпеливост“ меѓу себе. Можеби Атлетико не изобилува со куп поливалентни фудбалери, но затоа изобилува со најдисциплинирани во спроведување на тренеровите замисли, па дури и кога станува збор за „одење на нога“ или „директно во џигер“. Траекторијата на движење е неприкосновено испочитувана, од секого поединечно. Пргавоста која е најчесто „на граница на дозволеното“ Симеоне ја пренесува на своите фудбалери, а во најголема доза дури и ја има усовршено уште „поексплозивно“.
Ова се само малкуте нешта на кои потенцирав низ целата година, дури и тогаш кога на почетокот пишував дека Тата и Барса не треба да се плашат толку од Карло и Кристијано, колку од Чоло и Атлети кои со сигурност дека ќе бидат најголемите фаворити за титулата во Ла Лига. Иако понекогаш дел од тие записи беа ругани со образложенијата дека „претерувам“ во ниту еден момент не ја потценив сета негова промена која ја гледав секојдневно на снимките од тренинзите и записите кои ги добивав од Ма`ада`онда.
Од тие причини токму и денес, кога веќе сезоната се сведе на самиот крај, можам со истото уверување да претпоставам дека ќе застане и со трофејот кој му недостасува како фудбалер со црвено-белите, трофејот од Лигата на Шампионите.
Неговите фудбалери цела година работат токму за овие мигови. Ја оставија душата на терен на секој натпревар. Трпението ако некогаш беше синоним за Барса, сезонава е за Атлети.
А тактичко-технички?
Потполно исто како и во сите претходни натпревари, со кои ја помина целата сезона.
Ништо ново, еволутивно, различно концептуално или иновативно.
Тоа не се особините на Атлети сезонава.











